Брегзит – нова криза или предизвик?

елена ивановска мукоска

Четири месеци се водеше кампања за на крај, ден по референдумот, многумина од оние што гласаа за напуштање на ЕУ да се запрашаат дали го пречкртале правилното квадратче. Што е ЕУ, што добивавме, а што ќе изгубиме надвор ЕУ? Одговор бараа и од пребарувачот Google.

Дали некои политичари ги пренеле жедни преку вода заплашувајќи ги со мигрантите? Сретнав повеќемина такви на улиците на Лондон. Велат, дојденците им ги земаат работните места, ја злоупотребуваат социјалната помош. Една жена победнички ми рече – заврши великодушноста на Британија. Уверени се дека кога Турција, Македонија и другите земји од Балканот ќе влезат во унијата, тогаш ќе биде уште пострашно. А стравот лозје чува. Тоа и овој пат се покажа и се докажа.

Британците одлучија Брегзит, но дали одлучуваа врз основа на факти и реални понуди или пак поттикнати од популистички и застрашувачки тези? Дали новата Велика Британија, ќе ги подобри сите слабости на европската Британија?

лондон

Станува сѐ појасно дека надуениот балон од ветувања, пополека се издишува. Прва падна главната теза на кампањата за напуштање на ЕУ – дека наводните 350 милиони фунти кои Лондон неделно му ги дава на Брисел ќе се пренасочат во здравството и во други витални сектори. Ден по референдумот, гласачите уште не наздравија за ваквата придобивка, пристигна демант од истиот табор. Ова ветување беше наречено грешка! Грешка која толку многу се (зло)употребуваше што граѓаните беа сигурни дека ако не се дел од Унијата, ќе останат повеќе пари за нив. А што е со субвенциите од ЕУ, а ќе има ли пониски даноци? За многу прашања одговор на Google нема. Одговорот ќе пристигне во наредниот период. Граѓаните ќе го почувствуваат. Но првичните последици, потресите на финансискиот пазар, најавите за повлекување на компании, падот на фунтата, не се охрабрувачки. Во таа насока не одат ниту бројките. А и оптимизмот не е на високо ниво. Разлика од 4 проценти помеѓу оние што гласаа за Брегзит и оние што беа антибрегзит предизвика поделби. Незадоволството веднаш се почувствува, а речиси секојдневно се гледа и на улиците на Лондон. Протести против ксенофобијата против новите граници кон Европа. Сето ова е јасен сигнал за незадоволството од бирократскиот Брисел кој го губи шармот и привлечноста за големиот европски сон.

Следува време на неизвесност, но и на промени, и во Велика Британија и во ЕУ. Оние кои беа главни во референдумската кампања и на двете страни, по референдумот ги нема. Премиерот Камерон веднаш си поднесе оставка, а екс-градоначалникот Џонсон по неколкудневен молк изненади со најава дека нема да се кандидира за местото на Камерон.

лондон

А промени неопходни се и во самата Унија, за да го избегне непосакуваното сценарио. И на политички и на економски план. Итни реформи и решенија за сите проблеми кои овој референдум ги разголи, а можат да го разнишаат големото европско семејство . Доколку не се смени курсот, бродот кој се ниша може да почне да тоне. Низ отворените пукнатини да навлезе вода. Крајно време е Брисел да не ги занемарува и потценува евроскептицизмот кој почна да се шири низ Унијата, но и екстремната десница која сѐ повеќе зема сила низ Европа .

Островот ги раскинува врските со европското копно. Британија започнува болен развод со Унијата. Иако го бараше разводот, на официјален Лондон сега како да не му се брза, а пак Брисел како да сака што побрзо да го затвори тоа поглавје. Како и да е, многу нерешени прашања тежат на плеќите на стариот континент. Мигрантската криза не се реши до крај. Ако не се реши Брегзит- кризата, ќе има и нови егзити.

Елена Ивановска Мукоска