Британците си одат

Ни ветувањата дека Велика Британија ќе добие специјален статус во ЕУ не ги поколеба Британците да си заминат од заедницата. Со тесна разлика од едвај четири проценти, но сепак одлучувачки, превладаа оние кои гласаа за напуштање на Унијата. Се чини беше прашање на време кога тоа ќе се случи ако се има предвид дека ова е втор референдумски обид за напуштање на Унијата за која за иронијата да биде поголема се залагаше и Винстон Черчил, а во која едвај влегоа поради противењето на Франција.:)

Она што сега чуди е што сите се зачудени „што сега“ и како понатаму. И Британците и Европјаните.

Знаме Велика Британија

Но ефектите се очигледни и економски и политички. Вредноста на Фунтата падна на најниско можно ниво во однос на доларот во последните 30 години, а премиерот Камерон се подготвува за оставка.

Европјаните за прв пат во историјата остануваат без една нејзина членка. А нели „цело е кога има сѐ“. Ова уште повеќе ако се има предвид дека пандорината кутија на европскиот национализам се отвори. Сега Геерт Вилдерс, лидерот на Холандската Партија на Слободата, порачува „Браво за Британците! Сега нам ни е редот. Време е за референдум на Холанѓаните!“

Марин Ле Пен, лидерката на Националниот фронт на Франција, исто така повикува на референдум во Франција како и во другите земји на Унијата. Но истото може да се случи и внатре во Обединетото Кралство со намерите за отцепување на Шкотска, па и Велс, а за Ирска и да не говориме.

Но тоа се можни но сѐ уште претпоставени активности за кои лидерите допрва ќе треба да размислуваат. Сега пред сите се исправени други проблеми.

Брегзит

Веднаш треба да се каже дека во пракса одвојувањето ќе трае две години според законот, што значи до тогаш Велика Британија останува членка на ЕУ на ист начин како и досега. Но во овој период ќе се одвива процес на преговори според членот 50 од договорот во Лисабон. Ќе мора да се преговара со секоја земја од Унијата одделно при што Европскиот Парламент има право на вето на секој нов договор што ги формализира односите меѓу Велика Британија и ЕУ. Затоа се очекува многу бргу лидерите на ЕУ да свикаат самит на кој ќе се разгледа ново настанатата ситуација. Една од точките се очекува да биде заедничка декларација за продолжување на обврската за слободен проток на луѓе како гаранција дека близу три милиони граѓани на ЕУ кои живеат во Велика Британија нема да бидат депортирани.

Од друга страна пак и Британскиот Парламент, во кој мнозинството беше за останување на Британија во Унијата, ќе сака земјата да остане во единствениот европски пазар.

Можно е, сметаат аналитичарите, прекинот на членувањето во Унијата да ја врати Британија на основите на тргување под правилата на СТО што извозниците ќе ги доведе на удар на даноци и царини. Договорот би требало да се усвои со квалификувано мнозинство во Советот на Министри и да биде ратификуван од земјите членки, како и да добие согласност од Европскиот Парламент и од Британскиот Парламент. Според ова британските министри би се вратиле во Брисел на некој начин за да преговараат за подобар трговски договор кој би можел да трае и десетина години пред да биде целосно комплетиран. Дали навистина ќе биде така останува да се види. Она што е очигледно е дека Британците сакаат да заминат од Унијата повеќе политички одошто економски. Или онолку економски колку да бидат онаму каде секогаш и си биле и каде сакале да останат – на островот. Блиску, а сепак далеку од толпата наречена ЕУ.

Љубиша Николовски