Да се осуди и отфрли албанската платформа во Македонија

Како универзитетски професор, воен историчар јавно изразувам осуда на обиди за манипулација со историјата како наука базирана врз факти во овие особено чувствителни и тешки моменти од кои зависи иднината на Република Македонија.

Воедно како граѓанин на суверена, самостојна, независна и меѓународно признаена Република Македонија јавно го осудувам и отфрлам странското мешање и притисоците кои се прават врз Република Македонија по објавувањето на тнр. „Заедничка платформа на албанските партии“ напишана по диктат на официјална Тирана и Приштина, во која се бара Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година.

За македонското Собрание да усвои Резолуција во која се третираат теми од историјата, конкретно повеќе воени настани од минатото, изнесените податоци во таков документ мора да бидат базирани врз историските факти и артефакти.

За геноцидот врз албанскиот народ во Македонија од 1912-1956 година не постојат историски факти, такво нешто според науката не е верифицирано и според тоа и не може никој да тврди дека се случило. Доколку некој тврди дека се случило мора тоа да го поткрепи и докаже низ јасно дефинирана методологија на историската наука но исто така и низ меѓународни правни механизми во кои се дефинира геноцидот како едно од најтешките злосторства против човештвото.

Историската наука не негира бројни и масовни убиства и непочитување на меѓународното хуманитарно право во посочениот период од страна на сите инволвирани страни во борбите и судирите, но тоа не е геноцид. Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Црногорците, Хрватите, Словенците, Бошњаците и други народи масовно гинеле во борбите против фашистичките војски на Хитлеровата Германија на Сремскиот фронт во 1945 година и тие страдања не можат да се оквалификуваат како геноцид.

Но, да ги изнесеме историските факти во врска со ова прашање. Во предметниот историски период од 1912 до 1956 година во Македонија се водени повеќе војни меѓу кои и двете досега најголеми во светски рамки – Првата и Втората светска војна.

Македонската држава е создадена на дел од територија на Македонија во 1944 година. Во периодот од 1912 до 1944 година не постои македонска држава а Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Власите, Ромите и другите се под власт на различни државни апарати, односно режими.

Доколку и спротивно на историските факти некој во Македонија и понатаму се обидува да усвои ваква странска Резолуција за геноцид треба да биде свесен дека со тоа ќе треба да ги осуди за геноцид припадниците на мнозинските народи од државите кои во посочениот период имале власт во Македонија односно биле мнозинство во воениот и полицискиот апарат на таа држава.

Па така, за период од 1912 година ќе треба да ја осудиме Отоманска Турција, односно турскиот народ за геноцид во Македонија,

од октомври 1912 година до септември 1915 година ќе треба да го осудиме Кралството Србија, односно српскиот и црногорскиот народ за геноцид во Македонија,

од септември 1915 – септември 1918 година ќе треба да го осудиме Царството Бугарија, односно бугарскиот народ за геноцид во Македонија

од 1918 година до 1929 година ќе треба да го осудиме Кралството на Србите Хрватите и Словенците односно српскиот, хрватскиот и словенечкиот народ за геноцид во Македонија

Од 1929 до 1941 година ќе треба да го осудиме Кралството Југославија односно повторно Србите, Хрватите, Словенците, Црногорците за геноцид во Македонија.

Од 1941 до 1944 година ќе треба да ги осудиме окупаторските режими на Германија, Италија и Бугарија во Македонија, или германскиот, италијанскиот и повторно бугарскиот народ за геноцид во Македонија.

По 1944 година ќе треба да ги осудиме за геноцид македонските партизани односно нашите претци, нашите дедовци кои ја создадоа македонската државност на АСНОМ 1944 година и кои раководеа со Македонија до посочената 1956 година.

Апсурд! Знае ли госпоѓата Могерини дека доколку се конституира Собрание со мнозинство кое ја прифаќа оваа албанска платформа дека меѓу првите документи кои треба да ги донесе Собранието е осуда на италијанскиот народ за геноцид во Македонија.  Знае ли господинот Габриел министер за надворешни работи на Германија дека македонското собрание ќе треба да го осуди германскиот народ за геноцид во Македонија. Знаат ли господата Заев, Шеќеринска, Спасовски дека треба да ги осудат своите дедовци за геноцид во Македонија. Оние што ја пишувале платформата сето ова добро го знаат и не и сакаат добро на Македонија и на нејзините граѓани!

Доколку некоја странска држава смета дека треба да осудува други држави и народи за геноцид никој не ја спречува тоа да го направи. Нека Албанскиот парламент донесе резолуција со која ќе осуди наводен геноцид во Македонија, никој не го спречува во тоа. Но во нашата држава, некој да ни наметнува непријатество и омраза кон другите народи па тоа е спротивно на сите принципи врз кои е создадена и врз кои се гради и развива Република Македонија. Космополитизмот на македонскиот народ не смее да се злоупотребува за туѓи пропаганди и туѓи цели.

Очекувам сите чинители на нашето општество, на политичкиот живот, јавните личности, академските граѓани да ја осудат и отфрлат оваа странска платформа која никому не може да му донесе ништо добро. А тоа да го направиме сите во Македонија но и странските фактори да го следат примерот на Едвард Кукан и другите пријатели на Македонија и да ја осудат и отфрлат Албанската платформа како неаргументиран, произволен документ кој е во спротивност со историските факти и во спротивност со реалноста и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност, мирот и соживотот.

проф. д-р Александар Стојчев