Договорот за добрососедство – подметнати кукавички јајца гарнирани со општи меѓународни државни обрски

Поновата Македонска историја не памети друг сличен или ист пример на договор лажњак, на камуфлажен договор со кој кажано со спортски речник Бугарија ја добива Македонија на македонски терен со службен резултат 3:0. Убаво накитен со општопознати и општо задолжителни обврски за сите држави во меѓународниот поредок (почитување на принципите на Повелбата на ООН, на документите на ОБСЕ, на демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа, а на која држава и е дозволено да не ги почитува овие обрски?!), Договорот на мошне провиден и неинтелигентен (неинвентивен) начин ги камуфлира дамнешните барања на бугарските власти за целосно претопување на македонскиот народ, македонската историја и македонскиот идентитет во бугарскиот.

Новото во Договорот е што истиот е во полза исклучиво на Република Бугарија и што преку неговата реализација бугарските власти на правно-обврзувачки начин ќе го оживеат својот дамнешен сон да ни ги наметнат своите вековни барања за претопување на македонскиот во бугарскиот народ. Новото во договорот е што овој пат претопувањето ќе оди со наш аманет и согласност. Ние ќе дадеме согласност за такво претопување, за такво самоуништување, дури и ги имаме прецизирано и конкретните механизми и средства како сакаме тоа претопување и самоуништување да изгледа.

Сами даваме согласност нашата македонска историја и идентитет да бидат „усогласени“ со бугарската историја и идентитет!? Преку фрази кои наводно се безопасни и веќе чуени во меѓународната практика, македонската страна се фаќа како сом на јадица и самата се мести, и се гарнира подготвена да биде ставена на трпеза за јадење. Но, како изгледа македонскиот сом ставен на бугарска трпеза, да одиме со ред.

Содржината на членот 1 и 2 од Договорот е текст што како гарнирска увертира е смешна и сосема непотребна, барем за тие што малку од малку се разбираат во меѓународното право, ако се има предвид фактот дека двете држави и без да потпишат каков било меѓусебен договор имаат обврски како суверени држави и како субјекти на меѓународната заедница да соработуваат во рамките на ООН, во ОБСЕ, во Советот на Европа. Таа обврска е прецизирана во сите документи донесени од страна на меѓународните организации по силата на ратификацијата на документите, при што државите-потписнички се имаат обврзано дека ќе ги почитуваат сите обврски содржани во тие документи. Од овој аспект, содржината на договорот во која се набројува нешто што е општозадолжително по силата на меѓународното право е апсолутно непотребна и служи само за замачкување на очи, само за замајување на јавноста која не го познава меѓународно-правниот систем.

Исто така, и соработката во процесот на европската и евроатлантската интеграција барем до сега никој од официјална Бугарија, или од официјалните македонски власти не ја беше спорел. Или можеби властите криеле нешто од јавноста? И сите наредни членови 3, 4, 5, 6 и 7 се со содржина која никој до сега ја немал отворено како спорна или како нешто што требало да биде предмет на посебно регулирање во договор, бидејќи „одржувањето контакти и средби меѓу претставниците на органите на државната власт на различни нивоа за развој на пријателските односи и соработка“ (член 3), „одржувањето контакти меѓу локалните власти и граѓаните на двете договорни страни“ (член 3), понатаму „создавањето на неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал“ (член 5) се обврски што непосредно произлегуваат од склучената Спогодба за стабилизација и асоцијација на РМ со тогаш Европските заедници (ЕУ) и нивните земји-членки (што значи и со Република Бугарија), од спогодбата за трговија и трговски прашања меѓу РМ и тогашната Европска заедница (денешна ЕУ), како и од бројни други европски регулативи, а не како обврска од договорот. Истото важи и за содржината на член 6 „поддршката на туристичката размена, развојот на соодветни форми на соработка во областа на туризмот“, како и член 7 „проширување и усовршување на транспортните врски и комуникации меѓу нив, вклучително и регионалните инфраструктурни проекти“. За сите овие форми на соработка бугарските власти се обврзале како земја-членка на ЕУ во моментот кога ЕУ ја има склучено Спогодбата за асоцијација и стабилизација со РМ, во моментот кога е склучена ЦЕФТА, и бројни други договори каде е јасно утврдена и афирмирана потребата од поголема регионална соработка меѓу соседните држави.

Значи, наједноставно кажано, содржината на првите седум члена е мачкање очи на пошироката јавност дека, всушност, во договорот нема ништо спорно и ништо антимакедонско. Гарнир-содржината на првите седум члена заедно со општата преамбула треба да ја покрие мачнината на веќе следниот член 8, став 2 каде стои дека „двете договорни страни ќе формираат заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни“.

Посебно е погубен за Македонците ставот 3 од членот 8 каде стои дека „двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“. Заедничките чествувања на заеднички настани и личности значат само едно, значат давање наша согласност за поништување на македонската историја како автохтона и самостојна, и наша согласност за нејзино претопување во бугарската историја. Кога ќе немаме автентична македонска историја ќе немаме и автентичен македонски идентитет, ќе немаме ни автентичен македонски народ, ќе немаме ни независна и самостојна македонска држава. Посебно дискриминаторен и погубен е членот 11, став 5 од договорот каде на јасен и експлицитен начин македонските власти се откажуваат од суверенитетот и од независноста на РМ како држава, и од Уставот на РМ, се откажуваат од грижата на државата кон македонското малцинство што живее во Бугарија, што е обврска која произлегува од Уставот на РМ, но и обврска што произлегува од меѓународните документи.

Ставот 5 дури користи и срамна, понижувачка и правно невозможна формулација дека „ништо од Уставот на РМ не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија“ небаре Македонија до сега била држава која толку многу се мешала во внатрешните работи на Бугарија што сега со договор треба да и се забрани такво мешање!? За какво толкување на Устав станува збор во договорот? Кој тоа од македонските власти го толкувал или може да го толкува Уставот на РМ на начин што е спорен за Република Бугарија? Ова е деградирање на достоинството на РМ како држава и на нејзината власт, ова е понижување на секој македонски граѓанин. РМ никогаш и со ниту еден политички или правен чин или гест не демонстрирала какво било мешање во внатрешните работи на Бугарија. Ова се тешки инсинуации кои имаат за цел меѓународно понижување на државата РМ и на Македонците како народ.

Да заклучам. Договорот има три подметнати кукавички јајца поради кои бугарските власти толку инсистираат и толку ликуваат да биде потпишан. Прикриени со општопознати и прифатени меѓународни вредности и принципи, овие три кукавички јајца треба трајно да ја уништат посебноста на македонскиот народ и идентитет, автохтоноста на македонската историја, и суверенитетот и интегритетот на македонската држава како независен меѓународно признат субјект. Овие три кукавички јајца се предавнички чин на оваа влада која преку замајување на своите граѓани сака да направи класичен егзодус, класично поништување на својот народ. Го повикувам Заев да не го потпишува овој срамен документ, ги повикувам пратениците да не го изгласаат законот за ратификација на овој понижувачки и деградирачки за Македонците договор ако истиот биде потпишан во оваа срамна и недостојна содржина. Македонците не заслужуваат ваков документ!

Проф. д-р Тања Каракамишева—Јовановска