Јунски залет за изборна трка на есен?!

grado

За која партија би гласале доколку утре се одржат парламентарни избори?Кој мислите дека ќе победи? Во кој политичар имате најголема доверба? Треба ли институтите кои се занимаваат со правење анкети и испитување на јавното мислење,  на овие две прашања и на оние за ангажманот на власта и опозицијата добивање гласови да додадат уште две, “Колкаво ќе биде влијанието на Специјалното јавно обвинителство и судските процеси во конечниот рејтинг пред изборите? Ќе придонесе ли тоа за да го смените ставот и за поголема популарност на опозицијата”? Ова особено отако се повеќе на јавна сцена се поставува дилемата дали и рејтингот на партиите влегува во овластувањата на СЈО.

Улога која специјалното обвинителство ќе ја има во креирањето на конечниот суд на граѓаните онолку колку што тие ќе му дозволат. И тоа откако СЈО има чист пат пред себе за непречена работа. Аболицијата е повлечена, сите повикани се јавија на распит. Најголемиот  нечиј трн во око од минатото (Мијалков, Јанкуловска, Јанакиески) одамна не се во првите борбени редови. Дури и Груевски не е премиер. Велат дека никој нема намера да бега. Отворен е патот за Јанева да покаже дали “ТНТ” експлозивот ќе експлодира, дали “Титаникот” ќе потоне и дали “Тврдината” ќе ја искачиме лесно или малку потешко.

Единствената пречка која стои на патот на СЈО е Уставниот суд. Инстанцата за која последните шпекулации се дека под странски притисок ќе треба да ја потврди уставноста на специјалните обвинители. Иако огромен дел од јавноста е свесен дека не е така. Институцијата чие право суверено да одлучува, од поликолорните демонстранти пред неколку месеци ја бранеа илјадници граѓани.

Работата на тимот на Јанева освен во насока на обезбедување на правната држава и фразите дека сите се еднакви пред законот и треба да одговараат доколку сториле нешто криминално се опсервира и како еден од најефикасните инструменти кој некој и го додели на “Бихаќка”. За подобра стартна позиција пред новата изборна трка. Кога и да е. октомври, ноември или на пролет. Подобар инструмент од било кој што двоецот Заев-Шекеринска и екипата можат да го смислат. Веројатноо забооравајќи дека во таа партија има луѓе на кои не им е оставен простор да покажат што знаат и да не делуваат деструктивно туку да придонесат за конструктивна криитика. Во период кога не убедуваат дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се “лошите батковци” до гуша во криминал и истовремено не кажувајќи зошто народот треба да гласа за нив. Едноставно, требало да се вратат демократијата и слободата. Е, арно ама народот не мисли така. Барем според анкетите. Од кои повеќето, на изминатите изборни циклуси се покажаа како точни. Ама нели цела држава стана “фантомска” и избирачкиот список ни е попара. Па сега можеби треба Хан и другарите од Брисел да ни заѕвонат на врата и да се уверат дека навистина ќе гласаме. Да имаме избирачки список за мерак. И со сето тоа паралелно ќе следуваат “дипломатски мерки” за маратонско состанчење во Пржино или Клубот на пратеници со или без конкретен датум за избори. Со убедување околу тоа што од првичниот договор е реализирано, кој е крив, што на “жими мајка” ќе се спроведе? Дали и кому му е криво што имаме повторно старо-нова влада? Каков мандат ќе има владата која ќе треба да го спроведе изборите, да овозможи еднаква шанса за сите учесници или ќе треба да отвори простор и за поголема попустливост и за прашањето за името од кој некој подоцна ќе сака да се изземе од одговорност. Сето тоа како дел од пакетот факторите на одлучување во регионов да имаат уште една влада по мерка. Имајќи ги предвид сите слични случувања во регионот (Хрватска, Србија, Република Српска …)

И секако Заев и Јанева ќе треба еднаш веќе да излезат од лавиртинтот во кој влегоа со драстично различните податоци за бројот на записи од прислушуваните разговори кои му се преддадени на СЈО. Милион ли се, петстотини илјади ли се? Колку и да се, каде се? Има ли Заев по уште неколку копии од актуелните снимки во подрумот на партиското седиште или “ексклузивки” кои ги чува за нови партиски стратегии. Има ли снимки за неговата кампања, за начинот на работа на СДСМ или сите кои ги поседувал се кај Катица, Ленче и Фатиме? Дали желбата да чуеме нешто од спротивниот табор ќе ни се ограничи на двата разговора на Заев со ќерка му и со Шекеринска? Или пак по грешка дел од нив завршиле во разцете на странските дипломати и политичари од повеќе земји? Можеби некој пајташ на Чауш ќе ги продава на купче за некој период.

Времето ќе покаже и дали декларативно независните “шарени револуционери” по потреба ќе бидат исфрлани на улица со радикални методи во ракав како закана дека ако нешто на преговарачката маса не оди според планираното повторно ќе го уништуваат она што е градено од сечии пари. Меѓу другото ѓе го уништуваат и она што значи слика за идентитет и борба низ историјата за и тие да го имаат она што го уништуваат. Или можеби уште полошо. Ќе блокираат крстосници, ќе провоцираат судири и ќе пробаат нели “да ни ја разбудат свеста” за насушната потреба од демократија. Обидувајќи се со разни бои да го компензираат слабиот одзив на протестите кои требаше да бидат прикажани како масовно противење на револуцијата на “расипништвото на режимот”. Забравајќи можеби дека во режим нема терор на малцинствотоо врз мнозинствотоо, јавен настап и критика преку многу медиуми секојдневно, дебати условувања.

Груевски и следбениците пак во периодов кој следи ќе имаат простор (но не пред судии на кои во странски амбасади ќе им кажуваат на кој начин се работи ) да не убедат во невиноста и тезите дека СЈО е најдобриот пи-ар на Заев, а снимките се монтирани, сечени лепени.. Дека некого моќта и власта не го занела до степен да се однесува како државата да е негова лична сопственост. Дека навистина се работело за народот кој нели треба да одлучи која опција е подобра, или пак за лични нтереси. Дали можеби Груевски за некои работи вината да ја бара и меѓу своите. Што заради алчноста што заради лошите информации од терен. Еден од главните столбови и соработници, како Ставрески го губи на одредено време.

Градимир Марковски