Каде брза Заев?

бојана димитријевска

Опозиционерите ја замрзнаа работата во Парламентот, а лидерот на СДСМ, Зоран Заев бара избори наесен. Септември или октомври… Ова го најави во едно од неговите последни интервјуа.

Многумина се замислија после ова. Зошто оној кој до вчера бараше одложување, сега инсистира на брзи избори? Ги менува желбите за датум во зависност од расположението. Власта не ги коментира новите датуми со кои лицитира првиот опозиционер, само се посочува дека опозицијата откако два пати избега од соочување со народот, нема легитимитет да иницира нови датуми. Зошто Заев брза? Зарем за два-три месеци Заев до толку ќе го набилда рејтингот и ќе го надмине на ВМРО-ДПМНЕ кој според последните анкети е далеку над СДСМ? Дали тоа значи дека е убеден оти ќе се решат сите точки на кои се сопнаа преговорите? Или пак сѐ се договорило на преговорите во затворен круг на четирите големи партии, па опозицијата и понатаму глуми некаква непопустливост и наводно испорачува нови барања за да не го разочара граѓанскиот сектор? И има уште нешто. Дали челниците на СДСМ се исплашија дека шарените ќе го загрозат нивното место на политичката сцена?

zaev

Опозицијата исцртува црвени линии, па ги брише, па се бори за конкретен датум за избори. Партиски луѓе ги издаваат тактиките на Заев. Само со избори наесен тој може да си ја осигура својата лидерска позиција, бидејќи членството е се посвесно дека досега се одложуваа поради неговата неподготвеност. А ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја вратија политичката влада, па избори дали скоро или покасно на овие две партии во овој момент најверојатно тоа многу не им менува. Сондажите на јавното мислење се на нивна страна. ВМРО-ДПМНЕ дури изразува подготвеност во оној момент кога Заев ќе увери дека е сигурен и ќе излезе на избори, 100 дена пред нивното одржување, повторно да влезе опозицијата во извршната власт. Груевски го повика ДИК по теркот на СДСМ повторно да го почешла списокот на гласачи и повторно им нуди на опонентите да изберат закон за медиуми од некоја земја членка на ЕУ и тој да се преслика кај нас. И кога сме кај условите и понудите и што би се реализирало, а што не, ајде со ред.

zaev

СДСМ бара Уставен суд да се произнесе за формирањето на СЈО. Ако највисокиот суд направи еден преседан со враќањето на пратениците во Собранието и тоа го призна јавно, зошто тогаш не би го направиле истото и во овој случај. Во однос на кривичното гонење на демонстрантите, уште еден од условите на СДСМ, може да се очекува во име на смирување на страстите да го снема и тоа. Во меѓувреме ќе се бројат пак фантоми и постоечки гласачи и ќе се натамани списокот, оти досега што конкретно и реално му фали не сме слушнале. А кога сме кај медиумите, веројатноста дека двете страни ќе направат отстапки е голема. Но и понатаму останува нејасно зошто Заев брза кога анкетите не се во негова корист? Што ќе прави со разочараното членство, а и со соборците за слобода и демократија од граѓанскиот сектор? И ако е се договорено само опозицијата и понатаму прави драми, нешто за кое се зборува во новинарските и политичките кулоари изгледа дека некој направил пресметка – подобро нешто отколку ништо. Место шарените да доминираат, подобро челна позиција на силна опозиција и градски татко на родната Струмица. Овие жешки денови допрва ќе покажуваат кој што смислил и какви всушност чекори повлекува лидерот на социјалдемократите.

На граѓаните им е преку глава од непослушност, бојкоти, одложување на избори, живеење во неизвесност.

Бојана Димитријевска