По Нуланд – сепак се движи…

Нуланд, па Хајндл. Па Хајндл, Хајндл, Хајндл, па пак Нуланд. Притискаат Американците, стегаат и Германците. Да се реши кризата. Ама и нашиве не се даваат така лесно. Цврст орев се. (Не како Аиво.) Ќе ветат многу пред нив, ќе направат малку зад нив. Велат брзаат да се најде решение за кризата, ама сѐ ми се чини во трката со времето сакаат тоа да не стои.

Во меѓувреме по малку како преговараат, па по малку не преговараат. Им требало време за консултации. И така две години скоро. А за што преговараат! За едно те исто. На памет ги знаат предлозите, во детали. И своите и туѓите. И пак ништо. Морало Нуланд и Хајндл да дојдат па тие да ја поттурнат работата. Абе што можат тие за еден ден да смислат повеќе од она што нашите сами си го смислија?

Gruevski-Nuland

Зарем некој верува дека така сложени законски решенија ќе ги разберат во неколку кратки средби со лидерите на партиите. Па со саати да им објаснуваш нема да ги фатат замките и цаките за кои со месеци седеа во клубот на пратениците и ги квачеа решенијата кои никогаш јавно не ги соопштија на медиумите и на граѓаните. Значи решенијата се тука, ги имаме (имаат), само инаетот е голем. Поарно пред туѓинец ќе попуштат одошто пред свој.

Тоа странците конечно го сфатија и затоа одвреме-навреме ќе дојдат и ќе изрецитираат текст што однапред го знаеме. „Заминувам охрабрена…гледам политичка волја од сите страни…време е Македонија да се врати на курсот…и да се организираат фер и кредибилни избори…“!!! За тоа ли се патува дури од Америка? Затоа на новинарите и им е тешко да известуваат од пресовите на овие дипломати. Немаат што повеќе да кажат од она што и самите го знаат.

Zaev Nuland2

Но она што никогаш нема да го дознаеме е што странците (меѓународниот фактор) им зборуваат насамо. Дали ги фалат или ги кудат. На крајот на краиштата и не е важно. Сега сите знаеме дека по странците нешто ќе се мрдне од мртвата точка.

Во јавноста повторно нема ништо опипливо. Само нагаѓања или „трошки“ од „извори блиски до преговорите“, во стилот: „Работните групи постигнале мал напредок во однос на избирачкиот список, имало договор и за медиумите, директор ќе бил некој вечен опозициски „независен“ пропагатор, за лидерска средба нема најава, но види чудо, по посетата на Нуланд сè поизвесно било дека ќе има избори во ноември“. Значи сепак се движи.

Љубиша Николовски