Што да очекуваме од доаѓањето на Доналд Туск во Република Македонија?

Доаѓањето на претседателот на Европскиот совет на ЕУ, г. Доналд Туск во Република Македонија го сметам како уште еден европски обид од многуте во низата чија што главна цел е директен европски притисок врз македонскиот претседател Иванов за да отстапи од својот недвосмислен, уставно заснован, и државнички став дека нема никогаш и под ниту една цена да даде мандат на личност, партија, или коалиција на партии чие што политичко делување е во насока на реализирање на барањата содржани во Тиранската платформа.
Ваквиот државнички потег на Иванов очигледно дека ги збуни и растревожи европските власти кои сметаа дека лесно и без поголеми проблеми ќе успеат да инсталираат Влада во РМ која ќе биде целосно по нивен вкус, Влада која ќе можат да ја командуваат на далечинско во секое време, и Влада која ќе биде крајно сервилна и послана во реализацијата на нивните барања и интереси.

Но, за среќа на РМ и на Македонците, претседателот Иванов застана во одбрана на државните интереси и одлучно се спротивстави на однадвор наметнатата погубна политика по националните интереси на Македонците и на сите останати граѓани што припаѓаат на помалите етнички заедници во земјата да се реализираат исклучиво етничките барања на Албанците на сметка на сите останати во РМ..

Иако официјално е соопштено дека Туск во понеделник ќе дојде да разговара со Иванов за подготвеноста на нашата држава околу справувањето со зголемениот бран мигранти кој се очекува во скоро време, сепак јавна тајна е дека Туск најголем дел од времето во разговорот со Иванов ќе го помине на лично убедување да ја смени одлуката и да даде мандат за формирање нова Влада во државата која нема да биде поддржана од мнозинството Македонци.

Очигледно е дека европскиот план за инсталирање послушна извршна власт во земјата не успеа, и нема да успее во иднина, поради што се посилно, и се појасно ќе се зголемува притисокот врз претседателот Иванов да се премисли.

Не е исклучено ниту сценариото Туск да му соопшти на Иванов дека ЕУ сериозно ја разгледува опцијата РМ, претседателот лично, а можно е и уште неколку политичари од ВМРО-ДПМНЕ, да бидат подложени на одредени санкции од страна на ЕУ, што како закана секако не треба да не плаши, ниту да не дефокусира од главната цел-одбрана на државата од разно-разни надворешни влијанија и сценарија кои во позадина инсистираат на внатрешно разнебитување на нашата земја.

Санкциите со кои можеби ќе мафтаат европските политичари во наредниот период се речиси невозможна мисија ако се има предвид фактот дека за да се воведат потребно е за нив да гласаат сите земји-членки на ЕУ без исклучок што е практично целосно неизводливо и неостварливо.

Тања Каракамишева