ШТО ПОПРВО…

Каков народ, каква држава сме ние…

Ништо не може да помине без проблеми. Ни едени студентски избори не сме кадарни да спроведеме, а камо ли со исполнување на договорот од Пржино, кој главно опфаќа прочистување на избирачкиот список, реформи на медиумите, одвојување на партијата од државата и спроведување фер избори. Па само за овие точки мака мачат и партиите и странците и медиумите, со месеци. Ако вака ни оди со студентски избори тогаш мислена именка се реформите на Прибе и целосна демократизација на институциите и на општеството.

Како да немаме други проблеми и обврски туку сите сега треба да ги решаваме статутарните недоречености на „Студентскиот Парламент“ и конфронтацијата со „Студентскиот Пленум“. Јас сум сигурен дека до вчера обичните граѓани, а бога ми ниту голем број новинари не знаеја (и сѐ уште не знаат) што е „Студентски Пленум“ а што „Парламент“ и што е разликата меѓу нив.

И мислам дека така и медиумски ќе си поминеше овој настан важен за студентите на УКИМ, но не и пресуден за сите студенти и за граѓаните на Македонија.

Туку одеднаш брап, полиција, ЕБР. Специјалци! Зошто? Да не повторно излегоа „шарените револуционери“ на улица? Не. Да не имаше фудбалски натпревар од висок ризик па се судриле „Комитите“ со „Шверцерите“? Не. Е па што било толку страшно?

Е па десетина момчиња (студенти) засилени од исто толку девојчиња, исто така студенти, „Пленумци“ револтирани од начинот на спроведување на изборите им се „пуштиле“ на „Парламентарците“, (безобразно) да се дорасправаат за тоа каква требало да биде избирачката кутија и каде ќе се броеле гласовите!

…?! полека почнувам да сфаќам додека ја пишувам колумнава. Кога некој се јавил во полиција тоа мора да звучело вака: „ …овде сме од (студентскиот) Парламентот… имаме избори… ама нѐ нападнаа група хулигани… нѐ чекаат пред зградата на Парламентот… ве молиме за спас…“

Тоа (Парламент и избори) некој во МВР го протолкувал како државен удар и оооп! Ете ти џипови, борни коли, водени топови… Бре,бре!

И тоа баш сега кога ги чекаме и Хајндл и Нуланд. Сеа шо праиме… Што попрво! Дали да се говори за избирачки список и избори, за СЈО и за независно судство, за медиуми и други работи или за интервенцијата на полицијата. Кој тоа ќе го правда, кој ќе црвенее пред странците.

Значи, ако тоа не било намерно смислено сценарио за некакво дефокусирање на јавноста, тогаш бил непромислен потег што направи штета на државата, на партијата, на полицијата.

Плус стана „мезе“ за потребите на домашната јавност. Се кренаа политичките партии со прес конференции, повторно мораше да се ангажираат ПР агенциите да пишуваат соопштенија, медиумите да бранат или да напаѓаат, во зависност од нивната „независност“.

Она што исто така зачудува е што таа иста полиција не интервенираше ниту за „Протестирам“ кога ги фарбаше зградите на институциите и спомениците, ниту кога имаше блиски средби пред Уставниот суд, ниту кога имаше протести на албанската опозиција. Тие помалку важни ли беа од колку Студентскиот дом Кузман и од претседателот на Студентскиот Парламент?

А таман „шарената револуција“ се смири, полицајците се вратија дома да си ги исперат фарбаните алишта. Сега јово на ново…

Љубиша Николовски