Специјалци

grado

Специјално обвинителство, специјален суд, специјални амбасадори, специјална полиција, “специјална држава”. Нешто ни е специјално во голема мера, нешто со тенденција да биде.

Катица, Ленче, Фатиме, Гаврил и останатите од СЈО одамна се специјални. Бидејќи во постоечкото обвинителство се немаше доверба. И стручните соработници веројатно им се специјални. Затоа и изјавите им се такви. И роднините на дел од нив веројатно им се вработени во СЈО преку специјален конкурс на кој имале специјални предиспозиции да бидат примени. И платите им се специјални. Зашто нели со специјални случаи се занимаваат и се наоѓаат под невиден притисок. Небаре другите обвинители работат предмети за ланскиот снег. “Келија”,”Диво Насеље” не беа специјални?

Нејсе. Со вакво специјално јавно обвинителство ни останува уште специјален суд да си направиме. Или во постоечкиот Кривичен “да специјализираме” едно одделение кое ќе  работи на предметите од СЈО. Или не само тука туку и во апелацискиот. И секако тука специјално да бидат избрани судии од специјални “селектори” кои според нивни критериуми ќе утврдат дали и кој судија треба да биде во него. Кој има кредибилитет, а кој не. Кој потпаѓал под партиско влијание, а кој не. Зошто нели партиското влијание во судството е забрането, ама она од странските, пардон специјалните амбасади изгледа не е.

Како тогаш да гледаме на се погласните шпекулации за селекција на судии по мерка и по европски стандарди, на диктирањето насоки за работа по телефон и за шетање на разни “специјалци” од странски амбасади по судските ходници. Наводно за да суделе независно. Во ред се согласиуваме дека пресудите не треба да се креираат во партиите, ама каде тогаш, во амбасадите? Каде на друго место амбасадори така шерифски се шетаат по судови освен во вакви “специјални држави”? Или тоа спаѓа во доменот на специјалните амбасадори. На времето даваа изјави од типот “Одблиску ќе го следиме процесот”. Така суптилно давајќи ни до знаење дека тие исто треба да дадат изим за тоа дали некој е праведно осуден.

Уште од самиот почеток на формирањето на специјалното јавно обвинителство се наметнуваше прашањето дали тоа значи дека ќе ни треба и специјален суд? Демек ни треба специјално обвинителство зошто случаите произлегуваат од прислушувањето и немамедоверба во постоечкото обвинителство, а како тогаш да имаме доверба во судството кое при повеќе анкети има низок рејтинг кај граѓаните. Кој ќе ги одреди искусните судии имуни на партиско влијание. Некој што во иднина ќе направи специјална Академија за судии и јавни обвинители според негови критериуми? И ќе не убедува дека тоа е за наше добро и во насока на реформа на судството. Од таму ќе излегуваат профилирани кадри за мерак. Имуни на партиско, но прилагодливи за влијание од амбасади? Можеби онакво за какво говореше претседателот Иванов.

“Некои од амбасадорите ги пречекорија своите овластувања кои постојат во Виенската конвенција за дипломатија. Не сакаме да влегуваме во конфликт со земјите од каде доаѓаат, но јас и во традиционалното годишно обраќање пред дипломатскиот кор им кажав да внимаваат тоа што го работат да не биде погрешно сфатено. Амбасадорите ни се шетаат по судови. По телефони им се диктира што да се работи.”Тоа нели е притисок? Или притисокот важи само за домашната јавност?”, рече Иванов во едно од заедничките интервјуа за повеќе телевизии.

Да имаме кадри за кои нема да биде важно да поминале двегодишна програма на Академијата на судии и јавни обвинители, да немаат просек над 8 две години стаж и положен правосуден испит. Судскиот совет да не биде обврзан да ги избира само од листата кандидатии што ја поминале академијата.

Тоа го решивме. Сега ни треба уште и специјален Уставен суд. Ако не може постоечкиов тогаш тој да го прогласи СЈО за уставно. И се разбира сето ова со нов специјален Устав. Зошто по постоечкиве Устав и закони тешко. Освен ако со нив не бришеме патос како и до сега. Во Македонија според член 98 од уставот вонредни судови се забранети.

Секако ни треба и специјална полиција. За да ги апси и спроведува оние кои се обвинети од специјалното обвинителство и осудени од специјалниот суд. По тоа ќе ни требаат и специјални избори кои ќе ги организира и специјална влада под специјални услови. Специјална ДИК делумно имаме. Само некому уште му треба и избирачки список и медиуми по мерка. Секако ќе имаме и специјален парламент пред кој можеби некој од обвинителите од СЈО ќе се одважи да го брани извештајот за работата на оваа институција. И потоа да имаме уште една специјална влада со специјален легитимитет која можеби ќе ни најде и ново специјално име. Само за сето ова ќе ни треба и специјален народ. Без свест за вредноста на она што е негово. Или со слаба меморија.

Градимир Марковски