Заев и кантонизација на Македонија

Неполни десет дена од претстојните вонредни парламентарни избори, во Република Македонија пукна како бомба вест дека лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев на средбата со албанската дијаспора во Швајцарија заговарал воведување на двојазичност и кантонизација на Македонија според швајцарски терк! Ваквото обраќање на Заев наиде на лавина реакции, пред се од страна на противничкиот политички блок, особено заради фактот што по враќањето во земјата не се појави лично да ги потврди, демантира или пак дообјасни идеите што ќе му бидат во политичката агенда доколку неговата партија победи на изборите.

Масло на огин долеа и лидерот на албанската емиграција во Швајцарија, Муса Љамалари, познат заговорник на федерализација на Македонија по белгиски, швајцарски или германски модел, кој во интервју за еден македонски весник изјави дека „во текот на годината неколкупати имал остварено средби со првиот човек на СДСМ, на кои разговарале за федерализација и воведување на двојазичност во Република Македонија“.

Во очекување на објаснување од самиот Заев: што навистина се случувало и говорело со албанската дијаспора во Швајцарија? – и под услов дека она што е изнесено во медиумите е барем делумно точно – ќе се обидеме да анализираме за што всушност станува збор. Дали во овој случај станува збор само за обично кокетирање со албанските избирачи, со цел да се откине некој глас од досега традиционално загарантираниот изборен колач на водечките албански партии или пак во заднината на изборната програма на СДСМ навистина стојат идеи за радикални промени на основните членови на уставот, рекомпонирање на функционирањето на локалната самоуправа и власт и, конечно – ревидирање на Рамковниот договор.

Под претпоставка Зоран Заев и Социјалдемократскиот сојуз дури и да победат на изборите, проценка е дека станува збор за вешт политички и изборен маркетинг и ветувања до дел од албанските граѓани во Република Македонија кои, реално, немаат реално покритие, бидејќи едно радикално задирање во темелните сегменти на уредувањето државата бара двотретинско мнозинство во парламентот што е во констелација на македонските политички односи многу тешко изводливо.

Претпоставуваме дека во Република Македонија ретко кој би имал нешто против Македонија да биде Швајцарија, Белгија или Германија, особено од аспект на нивната економска развиеност, благосостојба, па и ниво на демократија, но не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека протежирањето на директно пресадување на европски федерални или кантонални  „пелцери“ на почва на било која балканска земја, вклучително и Република Македонија не би можело да даде позитивни резултати. Од проста причина што федерациите и конфедерациите на Германија, Белгија и Швајцарија не израснале од „пелцери“, туку се создавани со пролевање на крв, низ бурни историски времиња и векови, од кои само Швајцарската конфедерација брои 725 години!

Впрочем, најдобра поткрепа на една ваква констатација е и Босна и Херцеговина во која е направен вештачки обид за пресликување на вакви или слични модели на Балканот. Иако номинално важи како република, таа е составена од два ентитета. Едниот го сочинува Федерацијата Босна и Херцеговина, составена од Бошњаци и Хрвати и другиот, од Република Српска и од Срби. Да работата биде уште позаплеткана, Бошњачко-хрватската федерација е поделена на десет кантони, а сите заедно имаат свои поединечни влади и парламенти и – сите заедно – влада и парламент на ниво на целата држава. Вистински галиматијас во кој не ретко се прелеваат и мешаат, а најчесто и негираат меѓусебните права и обврски, заради што Босна и Херцеговина го носи неславниот епитет како единствена држава со вакво уредување во светот.

Да бидеме уште попрецизни: доколку кантоналниот модел за изминатите две децении не ги усреќил граѓаните на Босна и Херцеговина, зошто тогаш би можел да не усреќи нас во Република Македонија? Особено во сегментот на задоволување на најелементарните и суштествени потреби на граѓаните на локално ниво, кои во овој случај ќе мора да    бараат дозволи од повисоките управни инстанции, кантоналната влада, локалниот парламент и федералните институции и обратно, што би бил еден долг и непотребно исцрпувачки процес.

Ваквото, изнудено устројство на Босна и Херцеговина е резултат на Дејтонската спогодба од 1995-та година, со која беше ставена точка на тешките крвопролевања во оваа земја. Но 21 година по ова, праксата покажа дека постоечкиот модел не е најсреќно решение, бидејќи Босна и Херцеговина, иако мала, стана една гломазна, скапа и нефункционална држава со „замрзнат конфликт“ кој е се’ уште под контрола само благодарејќи на будното присуство на меѓународната заедница.

Со други зборови, Босна и Херцеговина, исто или слично како и Швајцарија, има федерација која наликува на конфедерација и кантонална управа и тријазичност, но во сите други сегменти е цела светлосна година далеку од оваа алпска земја. Исто како и ние со предизборните ветувања на СДСМ и Заев за воведување на двојазичност и кантонизација во Република Македонија.

Исмет Кочан