Тоалетна хартија за паметни телефони

Ако некогаш се најдете на меѓународниот аеродром „Нарита“ во Токио, ќе имате можност во тоалетот да се послужите не само со обична, туку и со тоалетна хартија за паметни телефони.

Тоалетите на овој аеродром се опремени со хартија која служи за дезинфекција на смартфони, а ги постави јапонскиот мобилен гигант „НТТ Докомо“.

На хартијата можат да се најдат информации за јавни ви-фи мрежи на фирмата, како и детали за нивната апликација за паметни телефони.

Корисниците на социјалните мрежи на овој потег реагираа со хумор и неверување, наведува Би-Би-Си.

Бизарната хартија е поставена во седум тоалети и тука ќе остане до март идната година.

Јапонија е глобално позната по револуција во јавните тоалети, кои се многу чисти, модерни и содржат технолошки развиени уреди.

– На паметните телефони има пет пати повеќе нечистотија отколку на даските на ве-це школките, наведува „НТТ Докомо“, додавајќи дека посебните ролни за чистење на екраните ги поставиле со цел туристите да можат да уживаат во хигиена при патувањата.