„Мојата земја“: Заев за грчка „Алфа“ избегнуваше да го спомене зборот „Македонија“ (ВИДЕО)

Оптимизам и убеденост дека и двете страни имаат капацитет и можат да најдат решение на проблемот со името до крајот на првата половина на 2018, изрази македонскиот премиер во интервјуто за грчката телевизија Алфа. Зоран Заев, како што јавува дописникот на МИА од Атина, рече дека решението треба да биде прифатливо и за двете земји, со коментар дека такво решение постои, но избегна да открие детали, за, како што рече, „да не го урниса преговарачкиот процес“.

Заев коментира дека со Ципрас делат исти лидерски вредност, родени се во иста година, па „може Господ така сакал да се родиме во иста години за да можеме токму ние лидерите да решиме еден суштествен проблем кој постои помеѓу нашите две земји“.

– Убеден сум дека постои решение и редот е секако тоа решение за граѓаните на Грција да го соопшти премиерот Алексис Ципрас, а јас на моите граѓани овде да им го соопштам решението. Но, верувам дека постои можност до крајот на првата половина од 2018 да изнајдеме решение, коешто дефинитивно ќе ја унапреди соработката меѓу нашите две земји и кога конечно, јас ќе можам да кажам како премиер на мојата земја, дека стекнавме уште еден голем сојузник, а тоа е нашиот јужен сосед, рече македонскиот премиер во интервјуто.

Прашан за црвените линии, вели дека ако постојат црвени линии тие би биле само кочници или блокада во изнаоѓањето решение.

– Наша црвена линија е линијата која свети силно како водилка по патот за да дојдеме со конечно решение на проблемот,  порача Заев.

Македонскиот премиер откри дека би сакал да се сретне и со лидерот на Независни Грци Панос Каменос и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, но откако прво ќе се сретне со грчкиот премиер Ципрас.

Заев во интервјуто неколку пати повтори дека стратешка определба и визија е нашата земја да биде дел од НАТО и ЕУ, порача дека со Грција треба и мора да бидеме пријатели, а за Македонија, рече дека се залага за модерна, економски стабилна, социјално одговорна земја којашто верува во стандардите на Европската унија.

– Јас верувам дека заврши времето Балканот да биде буре барут и  доаѓа време кога Балканот треба да продуцира мир, стабилност, соработка, поврзаност динамичен и слободен проток и на луѓе и на идеи, објасни македонскиот премиер.

Заев на неколку пати ја упати пораката дека е потребно да бидеме свртени кон иднината, а не заробени во минатото. Рече дека Александар Велики може да биде нешто кое што ќе не спојува сите, а не да нѐ дели, додека, пак, во однос на евентуалните преименувања на аеродромот или автопатот објасни дека „ако тоа е од голема важност спремни сме да разговараме и за тоа прашање“.

Новинарот од телевизијата Алфа, јавува дописникот на МИА од Атина, побара мислење од македонскиот премиер и за односите меѓу Турција и Европската унија, на што Заев изрази надеж дека Македонија и Грција може да бидат пример за решавање на проблемите.

– Убеден сум дека решавање на проблемот што постои меѓу Република Македонија и Република Грција може да биде навистина добар урнек за решавање и на други проблеми  што постојат во светот, порача Заев во интервјуто на грчката телевизија Алфа.