Пак ќе се задолжуваме: Ќе се издава нова еврообврзница

Македонија стартува со  промотивни активности за издавање на седумгодишна еврообврзница со стапка од 3,375 %, пишува денеска Ројтерс.  На потенцијалните купувачи на странскиот пазар еврообврзницата ќе им ја понудат Ситигруп, Дојче Банк и Ерсте Груп. Oдлуката за макслимален износ на ново задолжување преку издавање државни хартии од вредност на меѓународниот пазар  на капитал  е објавена и во Служен весник.

Во одлуката пишува дека Еврообврзницата се издава за буџетска поддршка во 2018 година и за рефинансирање на обврските кои достасуваат во основ на отплата на државниот долг на Македонија.

 Инаку, максималното задолжување на странскиот пазар, согласно  Буџетот за годинава е  во висина од 566 милиони евра. Вкупната номинална вредност на еврообврзницата изнесува  500 милиони евра.

Освен на странските, Владата  годинава ќе продолжи  да се задолжува и на домашниот пазар.  Максимално предвидените приливи од издавање на хартии од вредност два пати месечно до крајот на годината може да достигне 288 милиони евра. Годинава  доспеваат   обврски од вкупно 370 милиони евра, 200 милиони на домашниот и скоро 170 милиони евра на странскиот пазар.

 На презентацијата на Буџетот за 2018 година, министерот Тевдовски рече дека еврообврзница ќе се издаде само ако Македонија може да се избори за пониска стапка од оние по кои се задолжува на домашниот пазар.

 Инаку ова ќе биде 6-та еврообврзница која ќе ја издаде Република Македонија. Првата ја издаде владата на СДСМ во 2005-та во висина од 150 милиони евра. Останатите 4 ги издаде Владата на ВМРО-ДПМНЕ.  Преку еврообврзници Македонија досега се задолжи на странскиот пазар за две милијарди евра, милијарда и пол за главнината и уште 500 милиони за камати.

Љупка К. Камчева