Душко Георгиевски промовираше двоен албум кој вреди да го имате

Со промоцијата на двојното цеде и едното дивиди издание, насловено „Свири ми, виолино“, пејачот, и адвокат, Душко Георгиевски го заокружи 20-годишниот јубилеј на македонската естрада, исполнет со многу настапи, награди и хитови.

Промоцијата се одржа во ресторанот „Пелистер“ во Скопје, пред бројни новинари, како и колегите од естрадата: Благоја Грујовски, кој ја имаше и улогата на конферансие Благица Хаџи Павловска, Бади Бекир, Зуица Лазова, Наум Петрески, Бобан Мојовски, Зоран Џорлев, Бајса Арифова, Брнко Попчевски, Горан Стојановски Гокси, авторот на „Свири ми, виолино“ и други.

promocija-dushko

Цедеата и дивидито се во издание на „Мистер компани“, а на двојниот албум се сместени вкупно 26 песни, по 13 од секое, комбинација на стари, но и нови песни. Проектот е насловен според носечката песна, „Свири ми, виолино“, победничка песна на Фолк фест „Валандово 2015“, кога последно се одржа овој фестивал. На дивидито се наоѓаат видеозаписи снимани низ годините.

Песните на двојниот албум се поделени така што на едно цеде се ставени посентименталните теми, во карактеристичен изведувачки манир на Душко, а на второто се наоѓаат побрзите и повеселите песни.

Зад овие песни како авторски потписници стојат Миле Барбаровски, Љупчо Павловски, Благица Хаџи Павловска, Борче Нечовски, Огнен Неделковски, Ѓорѓи Крстевски и други… Издавачот „Мистер компани“ најави дека песните наскоро ќе можат да се најдат и на „Јутјуб“.