Грин Деј добитници на признанието „МТВ глобална икона“

Култната американска панк рок група Грин Деј е овогодинешниот добитник на престижното признание „МТВ глобална икона“, која ќе им биде врачена на претстојното доделување МТВ Ема награди на 6 ноември.

Со кариера подолга од две децении, три освоени МТВ ЕМА награди за најдобар рок бенд, со влегувањето во почитуваната „рокен рол куќа на славните“, групата Грин Деј продаде милиони копии од синглови и албуми.

На овогодинешното доделување на МТВ европските музички награди ова рок трио е номинирано во две категории – за најдобар настап во живо и најдобри рок изведувачи.

Претходни добитници на оваа престижна награда се Дуран Дуран, Ози Озборн, Еминем, Витни Хјустон, Квин и Бон Џови.