Ангеловски: Ремито со Италија е голема работа

Македонската фудбалска репрезентација синоќа во Торино остана непоразена на гостувањето кај четирикратниот светски првак Италија. Со голот на Александар Трајковски во вториот дел Македонија изедначи (1:1)и ова е трет натпревар на гости без пораз по двете победи над Лихтенштајн и Израел во овие квалификации за Светското првенство.

– Да се одигра нерешено со четирикратен светски првак е голема работа. Целата заслуга е на фудбалерите, а сакам да го видам вистинскиот карактер на оваа селекција и да ја победиме селекцијата на Лихтенштајн (во понеделник во Струмица). Ги погодивме и замените, Трајковски влезе и постигна гол. Испалнирано ни беше Трајковски да биде џокер и се покажа како вистински потег. Кога на два натпревара одиграте на вакво ниво со Италија, тогаш нема случајност при нашиот успех. Во силна група со Шпанија и Италија, покажавме квалитет и се надевам дека ќе го исполнам сонот и ќе се квалификуваме на една голема фудбалска приредба, изјави на прес конференцијата селекторот Ангеловски.

Последниот натпревар од квалификациите Македонија го игра на 9.октомври во Струмица против Лихтенштајн.