Грнчаров: Победивме на сите мечеви дома и сакаме и четврта победа

Бобан Грнчаров, капитенот на Вардар, очекува на утрешниот меч против рускиот Зенит во групната фаза од Лига Европа, македонскиот првак да ја продолжи победничката серија.

– Ние сме пред нов предизвик, дебитанти сме, но сакаме да оставиме добар впечаток. Победивме на сите натпревари дома во квалификацииите и сакаме и четврта победа. Не успеавме да влеземе во Лигата на шампионите, но и ова е историски момент за нас. И Европа Лигата е значајно натпреварување, а ако победиме утре и со успех потоа на гостински терен ќе ни пораснат амбициите, па сигурно ќе мислиме и на подвиг и пласман понатаму, изјави Бобан Грнчаров.

Што се однесува до противникот, Грнчаров е свесен дека тој како столб на одбраната и неговите клупски ги очекува тешка задача да се сопрат офанзивците на Зенит, иако гостите од Санкт Петербург немаат постигнато гол на последните три средби.

– Играме против силна екипа, која настапува стандардно во Лигата на шампионите и во 2008 година го освои УЕФА купот, дополни Грнчаров на вечерашната прес-конференција.

Дуелот Вардар – Зенит ќе се игра во вечерниот термин од 20 часот и 5 минути.