Игор Пенов повторно играч на МЗТ Скопје

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Игор Пенов (32 год., 202 см.) ќе му биде на располагање на тренерот Александар Тодоров за почетокот на новата сезона, откако официјално договори соработка со екипата на МЗТ Скопје Аеродром.

Станува збор за договор од отворен карактер, што значи дека играчот може да замине во ситуација да добие друга понуда од странство или од домашен клуб, секако во договор со управата на „металците“. Тој веќе извесен период тренира со сино-белите и настапи на сите седум пријателски натпревари.

За Пенов ова е враќање во таборот на МЗТ Скопје каде што претходно имаше две различни епизоди и тоа во периодот помеѓу 2004 и 2006 година односно 2010 и 2012 година. Изминатите три сезони го мина во дресот на Карпош Соколи, а уште има играно и за АМАК-СП, Вардар осигурување и Кожув. Летово, пак, дебитира за репрезентацијата на Македонија.