Итало: Прекрасно е кога ке се дебитира со гол

Новото име во редовите на Вардар Итало Хосе Оливеира Дос Сантос, на натпреварот со Победа го имаше својот прв настап во дресот на „црвено-црните“. И тој свој дебитантски натпревар го „круниса“ со гол.

Итало можеше да се запише во листата на стрелците барем уште еднаш, но најпрво ја погоди пречката, а потоа имаше добра прилика за уште еден гол. Итало зборува за своите први впечатоци од пристигнувањето во Вардар и неговата адаптација во новата средина.

 „Од првите денови заклучив дека станува збор за одличен тим. Во Вардар има одлични момци, вистински професионалци. Се е во ред, освен што не разбирав ништо што зборуваат, но имам одличен преведувач во тимот кој што ми помогна многу да се адаптирам. Тоа е мојот сонародник Фелипе“, вели Итало.

Тој на средбата против Победа во 68. минута мораше од втор обид да погоди во мрежата. Вели дека е одлично чувство кога ќе се дебитира со постигнат гол.

„Тоа беше одличен натпревар за нашиот тим. Игравме одлично и што е најважно успевме да победиме. Секако дека сум среќен за моето деби во тимот на Вардар. Нема подобро нешто од тоа кога ќе се постигне гол на првиот натпревар, на деби. Но, за мене уште поважна е победата на тимот и освоените бодови на овој натпревар. Сега ни следува реваншот со Фенербахче на кој што нормално посакувам да се избориме за резултат кој што ќе не однесе во следната фаза во групите од Лигата на Европа. Сега сме максимално фокусирани кон тој натпревар“, рече новото засилување на Вардар.

 

Текст и Фото : www.fkvardar.mk