„Кралевите“ покажаа зошто се на европскиот трон – победа над Јунајтед од 2-1

Реал Мадрид го освои Суперкупот во Скопје откако го совлада Манчестер јунајтед со 2-1 на арената „Филип Втори“.

Фудбалскиот празник ги оправда сите очекувања од големите ѕвезди од двата тима, бидејќи играта беше отворена и напаѓачка, а двата тима посакуваа сезоната да ја почнат со трофеј.

„Кралевите“ покажаа зошто се европски прваци и беа за една класа подобар тим на теренот. Доминираа во поседот на топката, а тоа го валоризираа во првото полувреме со голот на Касемир. Бразлиецот погоди во 24-тата минута по асистенција на Лука Модриќ, а водството го зголеми Иско во 52-тата минута по прекрасното двојно проигрување со Герет Бејл.

Манчестер јунајтед го намали резултатот во 62-та минута преку Ромелу Лукаку, кој искористи одбиена топка од Кејлор Навас по шутот на Немања Матиќ.

Маркус Рашфорд ја имаше најсериозната шанса за израмнување за „ѓаволите“, но Навас успеа да го одбрани неговиот удар иако беше во идеална шанса за гол. Европскиот првак два пати ја погоди пречката од голот на Јунајтед и дефинитивно ја заслужи победата, бидејќи беше подобриот противник.

За Реал Мадрид ова е четврта титула во Суперкупот на Европа, а Јунајтед останува на само еден трофеј. Милан и Барселона имаат највеќе, по пет трофеи во ова натпреварување.

Б. Казаковски