Лино Червар не се појави на прес конференцијата пред натпреварот со Спортинг

Лино Червар не се појави на денешната прес конференција пред натпреварот со Спортинг во Лигата на шампионите, од клубот информираат дека тренерот на екипата ке се врати вечерва во Скопје  и дека ке биде на клупата за средбата со екипата од Португалија.

Хрватските медиуми  неодамна информираа дека  Лино Червар нема да се врати во Скопје  и дека  ке остане неопределено време во Загреб .

Во отсуство на Лино Червар, на прес-конференцијата своите видувања ги даде Александар Јовиќ, помошник-тренер на Лино Червар, а во името на  ракометарите зборуваше Дарко Арсиќ, првиот голман на Металург.

Александар Јовиќ:

“Фаворитската улога им ја препуштаме на португалскиот тим. Се работи за искусна екипа што игра цврсто во одбрана и што е многу опасна во нападот. Додека работев во отсуство на Лино Червар, сметам дека во еден колектив сите вработени имаат свои права и обврски. Од страна на клубот сите обврски кон нас вработените се исполнети, сега ние треба да ги исполниме нашите обврски кон клубот, кон газдата и кон публиката која не бодри на секој натпревар. Треба да престанеме со криење од типот „имавме лош ден или лошо судење“, време е да се трансформираме и од мачиња да станеме лавови. Сметам дека само така можеме да и се спротивставиме на екипата на Спортинг. Ќе мораме да бидеме беспрекорно борбени во одбрана што е предуслов за лесни голови во нападот. Ракометот е колективна игра и нема многу простор за индивидуализам. Силен колектив може да исфрли квалитетен поединец на површина, но еден поединец не може сам да го влече целиот тим напред“.

Дарко Арсиќ:

“Би сакал прво да се навратам на мечот со Бешикташ. Ракометот е колективна игра, па, ако јас и соиграчите имаме ден и се оди како што треба, можеме да победуваме. За жал, против Бешикташ соиграчите немаа помош од голманите и јас целосно ја преземам одговорноста за тој пораз. Следниот меч против Спортинг е многу тежок, против себе имаме силен противник, но ниту една екипа не е премногу добра ако успеете да ја запрете и не и дозволите да доминира на теренот. Мислам дека в сабота ќе победи екипата што ќе даде повеќе од себе на теренот и верувам дека тоа ќе бидеме ние“.