Македонија поуспешна од Бугарија во третиот контролен меч за нашиот национален тим

Кошаркарската репрезентација на Македонија славеше во пријателскиот натпревар против Бугарија , кој се одигра во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Нашиот национален тим триумфираше со 80-70 , на полувреме резултатот беше 38-36 за Македонија. Мечот помина во изедначена игра , а Македонија често пати имаше осцилации во играта.

Клучната предност кошаркарите на селекторот Јорданчо Давитков ја создадоа во последната четвртина , кога за прв пат успеаа да се одлепат и да дојдат до двоцифрена предност , по што рутински го приведоа мечот кон крајот. Токму селекторот беше видно задоволен од триумфот против нашиот источен сосед , нагласувајќи дека дуелот имал посебна тежина бидејќи бил прв пред домашната публика. Тој појасни дека вистинскиот карактер на играчите ќе може да се види на следните три меча , кои ќе бидат исклучително напорни бидејќи ќе се играат три дена по ред. Токму тие дуели ќе бидат клучни и за него во изборот на дванаесетмината кои ќе играат за националниот тим во претквалификациите за СП 2019 против Естонија и Косово.

Димче Тасовски беше најефикасен кошаркар во нашите редови со 18 поени , капитенот Војдан Стојановски додаде 17 , Џордан Теодор имаше 15 поени зад своето име , додека одличен беше и ветеранот Ѓорѓи Чековски со 12 коша , 7 скока и 4 асистенции. Кај бугарите , прв играч беше Везенков со 16 поени. За Македонија , ова беше трет пријателски дуел. Првите два ги одигра на гости против Словачка , вториот од нив за жал не го доживеа својот крај. Сега на нашите кошаркари им следуваат нови предизвици , три меча во рамки на турнирот „трофеј Македонија“ , кој од 20 до 22 јули ќе се одигра во Скопје. На него учество ќе земат репрезентациите на Португалија, Холандија и Босна и Херцеговина , како и Македонија.