Маркез седми пат по ред на пол-позицијата во Германија

Мотоциклистот на Хонда, Марк Маркез ја освои пол-позицијата за трката за Големата награда на Германија седма година по ред во сите мото класи. Неговиот сонародник и актуелен светски шампион Хорхе Лоренцо од Јамаха падна два пати за време на квалификациите.

Друштво во првиот стартен ред на Маркез на „Захсенринг“ ќе му прави Хектор Барбера од Авинтиа Дукари, додека трет ќе стартува Валентино Роси.

Хорхе Лоренцо ќе стартува од 11-тата позиција што за него е најслаб пласман во квалификациите уште од 2013 година и трката за ГН на Холандија, кога беше 12-ти.

По осум извозени трки во Мото ГП шампионатот, Марк Маркез е лидер во генералнииот пласман со 145 поени, втор е Хорхе Лоренцо со 121, додека Валентино Роси е трет со 103 поени.