Милан не знае за доста – тргнува и по Ренато Санчез

Сеуште не стивнуваат реакциите по фантастичниот трансфер со кој Леонардо Бонучи од Јувентус премина во Милан , а „росонерите“ веќе продолжуваат со активности. Имено , медиумите во Италија на големо информираат за нов мега трансфер според кој на „Сан Сиро“ би пристигнал еден од најталентираните млади фудбалери во Европа , Ренато Санчез.

Португалецот минатата година премина во Баерн Минхен , но  не успеа да обезбеди место во стартниот тим , па се чини дека Милан ќе биде неговата нова средина. 19 годишниот фудбалер би преминал во италијанскиот тим за сума од 47 милиони евра , кои би биле исплатени на неколку рати , а во договорот ќе бидат вклучени и најразлични бонуси. Главен во целата оваа операција е супер агентот Жорге Мендеш , кој во Милан го донесе и соиграчот на Санчез од португалската репрезентација , Андре Силва. Договорот би требало да биде финализиран следните неколку дена во Кина , каде двата тима се на подготовки и ќе играат меѓусебе. Милан во меѓувреме се обидува да доведе и нов напаѓач , а во фокусот се Пјер Обамејанг , Андреа Белоти и Алваро Мората.

Во меѓувреме , Милан и официјално се ослободи од Андреа Бертолачи и Џанлука Лападула . И двајцата фудбалери заминаа на позајмица во екипата на Џенова. Бертолачи пристигна во Милан како огромно засилување во средниот ред , но не успеа да ги оправда оние 20 милиони евра кои „росонерите“ ги платија за него , најчесто поради повреди. Сега 26-годишниот играч за врска ќе замине на едногодишна позајмица во клубот каде настапуваше три сезони , за кои запиша 88 настапи и постигна 12 гола. Лападула пак исто така е нов играч на Џенова , но тимот за неговата позајмица плати 2 милиони евра , со опција да го откупи неговиот договор по крајот на сезоната за дополнителни 11 милиони евра.