Ништо ново кај МЗТ: Пораз на гостувањето кај Цибона

МЗТ продолжува со очајната форма сезонава и под водството на четвриот тренер Анте Назор и го доживеа петиот пораз во низа. Нашиот тим загуби со 87-79 на гостувањето кај Цибона во рамки на 17.коло во АБА-лигата.

„Металците“ во текот на целиот натпревар беа во негатива, но одиграа добро во последниот период кога дојдоа и до водство од  76-77 и тоа најмногу благодарение на Шарлон Клоф, кој постигна 12 поени. Сепак, во последните три минути домашниот тим направи серија од 11-2 и ја обезбеди победата во овој интересен натпревар.

Македонскиот првак имаше одличен шут за три поени, бидејќи постигна 13 тројки, а интересно погоди само 15 шутеви за два поени. Дреновац со 27 поени беше најдобар поединец во таборот на МЗТ, Шарлон Клоф постигна 16 поени, додека Џош Скот реализираше 12 поени. Кај Цибона, одличен натпревар одигра Шакиќ со 26 поени, додека Рејнолдс броеше до 19 поени, а подели и 13 асистенции.

По оваа рунда натпревари, МЗТ ќе остане на последната позиција на табелата со само четири победи од 17 натпревари. Во следното коло на домашен терен го пречекува Задар.