Шаповалов го изненади Надал во Монтреал, Кербер елиминирана во Торонто

Сензација на мастерсот во Монтреал , Рафаел Надал доживеа елиминација уште во осминафиналето. Канадскиот тенисер , Денис Шаповалов приреди вистинско чудо откако во третото коло беше поуспешен од својот далеку пославен ривал и го совлада со 2-1 , по сетови 3-6 , 6-4 и 7-6. Во четвртфиналето , Шаповалов ќе игра против французинот Адријан Манарино , кој пак беше поуспешен од Хионг Чун и славеше со 2-0. Поразот на Надал пак го помести и евентуалното негово искачување на првата позиција на АТП листата.

Роџер федерер со пресврт стигна до триумф во мечот против Давид Ферер. Швајцарскиот тенисер го загуби првиот сет со 6-4 , но ги доби следните два со 6-4 и 6-2. Во четвртфиналето , Федерер ќе се соочи со Роберто Баутиста Агут. Пласман во следната рунда во Монтреал обезбедија и Александер Зверев , кој славеше против Ник Кирјос со 2-0 , а со идентичен резултат триумфираше и Кевин Андерсон против Сем Квери.

На женскиот Мастерс во Торонто пак , Анжелик Кербер загуби од Слоан Стефенс во осминафиналето. Германката , која годинава ја започна на првото место на ВТА , а во моментов е третопласирана , доживеа пораз со 2-0 , по сетови 6-2 и 6-2. На останатите мечеви , Каролин Вознијацки беше подобра од Агњешка Радванска , Симона Халеп ја совлада Барбара Стрикова , Елина Свитолина беше поуспешна од Венус Вилијамс , додека Гарбин Мугурза славеше против Ешли Барти. Денеска Каролина Плискова ќе се соочи со Каролин Вознијацки , додека Слоан Стефенс ќе игра против Луси Сафарова.