Силен отпор на македонските ракометарки против фаворизираната Србија

Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва е поразена од Србија со 33:27, но конечниот резултат е одраз на заморот кај црвено-жолтите во последната третина од мечот.

Избраниците на селекторот Симе Симовски одиграа храбро и квалитетно прво полувреме против силниот ривал и по 30 минути имаа водство со 15:14.

Водеа нашите ракометарки и во почетните минути од вториот дел, но силата попушти некаде на средината на полувремето и гостинките со серија голови го преземаа водството за на крајот нивниот триумф да изгледа убедлив со шест разлика.

Керамичиева со шест голови беше најефикасна во македонскиот состав.

За Македонија ова е втор пораз во квалификациите за Европското првенство 2018, а за Србија втора победа.

Следниот противник на македонската селекција во овие квалификации е составот на Фарските Острови и тоа ќе биде добра можност за освојување на првите бодови.