Трајковски: Прв гол против Италија, тоа е важно за мене

Фудбалската репрезентација на Македонија освои голем бод на гостувањето кај Италија. На асистенција на капитенот Горан Пандев, стрелец на голот во 77.минута беше Александар Трајковски, што е негов 10.ти гол во дресот на македонската репрезентација.

– Постигнуваме добри резултати и градиме иднина за нашата држава. Знаев дека сум во ситуација да дадам гол, кога влегов во шанса си реков – ќе шутнам најсилно што можам. Дадов гол против еден Буфон, кој е голем голман. Прв гол против Италија, тоа е важно за мене. Успеавме да одиграме реми против селекција која е моќна. Покажавме дека не се плашиме и дека можеме. Младите ни донесоа додатна свежина, мислам дека со нив, ќе имаме поголема иднина и подобра, изјави стрелецот на голот Трајковски.

За постигнатиот резултат капитенот Горан Пандев изјави: „Се браневме добро и чекавме шанса за контра. Така треба да се игра против големите репрезентации, во спротивно ќе примиш три до четири гола и нема да може да се вратиш во мечот. Имаме млади играчи во тимот кои растат и фудбалската иднина е светла“.

Играчот на италијански Палермо Трајковски во квалификациите постигна два гола (првиот против Албанија во претходниот дуел) и е втор стрелец зад Илија Нестровски неговиот соиграч, кој е стрелец на четири голови за Македонија во квалификациите.