Трамп оди на здравствен преглед: Обожава „џанк фуд“ и кока-кола

Човекот, кој со севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-ун си ги мери копчињата за нуклеарно оружје, утре ќе изврши медицински преглед, но јавноста нема да го добие одговорот на прашањето кое се почесто се поставува – дали тој е ментално здрав.

Американскиот претседател Доналд Трамп (71) утре заминува на лекарски преглед во воената болница Волтер Рид, во предградие на Вашингтон. Според американски медиуми, нему ќе му биде измерена телесната тежина, притисокот и холестеролот. Не се предвидени психијатриски проценки и покрај се поголемите прашања за неговото ментално здравје.

Ниту пие, ниту пуши, ама обожува „џанк фуд“

Во пресрет на утрешниот преглед, Би-Би-Си предвидува што може да очекува лекарот на Трамп.

Добрите вести за неговиот доктор се дека тој не пие алкохол, ниту некогаш пиел. Вели дека лекцијата ја научил на потешкиот начин – неговиот постар брат Фред, алкохоличар, починал на возраст од 43 години.

Исто така, Трамп не пуши цигари.

– Ги гледам луѓето кои пушат. Тоа ми изгледа грозно, рече Трамп во 2015 година.

Што се однесува на лошите вести, неодамна беше објавено дека за време на неговата кампања имал „четири големи групи храна“ и тоа: МекДоналдс, Кентаки Фрајд Чикен, пица и диетална кока-кола. Во неодамна објавената книга се наведува дека често за вечера јадел два „Биг Мек-а“, два бургери со рибји филети и чоколаден милкшејк, што е 2.430 калории.

Исто така, се чини Трамп не верува во телесни вежби. Иако игра голф, тој не оди по теренот, туку користи количка.

Неговиот личен лекар Харолд Борнштајн, во време на предизборната кампања тврдеше дека Трамп е личност со „најдобро здравје избран за претседател во САД“. Лекарот тогаш оцени дека Трамп има „извонредно здравје“. Тогаш беа објавени и неговите медицински резултати, според кои Трамп е тежок 107 кг и висок 190 см, а беа наведени и неговите вредности за маснотиите во крвта (169), триглицериди (61) и артериски притисок (116/70). Се додава дека и неговиот последен наод од колоноскопија од јули 2013 година бил уреден, како и рентгенската снимка на белите дробови од април 2016 година и електрокардиограмот од декември 2014 година.

Прв знак за паметен човек е на прв поглед да сфати со кого си има работа (кинеска поговорка)

Во новата книга на новинарот Мајкл Вулф „Оган и бес“ во која не се штедат критики за поранешниот градежен магнат, изнесени се изјави на негови блиски соработници, кои  сериозно се сомневаат дека тој е способен за управување со државата.

Лекарски експерти, кои ги проучуваат тиковите на лицето, начинот на изговарање на речениците и гестовите, тврдат дека американскиот претседател Доналд Трамп боледува од деменција и затоа, според нив, е психофизички неспособен да ја извршува функцијата.

На ова се надоврзуваат и спекулациите дека Трамп има когнитивно-ментални проблеми, поради што е психолошки неспособен да ја води државата.

Минатата недела беше соопштено дека група конгресмени од Демократската партија на САД органзирале средба со психијатарка од универзитетот Јеил за да дискутираат за менталната состојба на Трамп.

Докторката Бенди Ли е коавтор на книга во која група психијатри тврдат дека Трамп покажува знаци на душевна болест и дека неговиот избор за претседател на САД е опасен за државата.

– Конгресмените ми рекоа дека се загрижени од опасноста која доаѓа од претседателот и од неговата психолошка нестабилност, изјави Ли.

Демократски конгресмени бараат отповикување на Трамп по повеќе основи, обвинувајќи го за контакти со Русија и за неспособност да ја врши функцијата, но за евентуален импичмент на Трамп се потребни две третини од гласовите во Конгресот.

Од почетокот на јануари многу медиуми објавија тврдења дека американскиот претседател „има невротични проблеми, дека „е ментално нездрав и сите околу него го знаат тоа“, како и дека интервјуто на Трамп за „Њујорк тајмс“ е „портрет на човек кој деградира когнитивно“.

Неодамна и режисерот Мајкл Мур се придружи на овие тврдења, откако претседателот расчисти со неговиот поранешен советник Стив Бенон, нарекувајќи го погрдно „неуредниот Стив“. Во книга објавена неделава, се појавија компромитирачки коментари на Бенон за синот на Трамп, неговиот советник и за руските врски во изборната кампања.

– Чекај, Трамп мене прв ме нараче „неуредниот Мајкл Мур“, во еден од своите луди твитови. Уште еден признак за деменција. Неспособен да служи, постираше Мур на Твитер.

Претходно, репортер од ТВ мрежата Ем-Ес-Ен-Би-Си цитираше сигурни извори од претседателската кампања на Трамп, кои потврдиле дека тој покажувал рани знаци на деменција.

На сето ова се надоврза и неговото наводно незнаење на зборовите на химната. Трамп во понеделникот во Атланта присуствуваше на плејоф меч на американската фудбалска колеџ лига, но неуспешно се обидуваше да ја испее химната, наведуваат американски медиуми. Имено, тој само ја отворал устата и нејасно мрморел додека траело интонирањето. Си-Ен-Ен заклучи – секој граѓанин кој знае да ја изрецитира целосно американската химна повеќе заслужува да биде претседател на САД отколку самиот Трамп.

Според многумина, и ова било знак дека тој е психички неспособен да биде претседател.

Белата куќа ги отфрли тврдењата за болеста на Трамп како „срамни“ и „смешни“. Портпаролот на Белата куќа Хоган Гидли оцени дека таквиот пристап на новинарите, без каков и да е контакт на психијатри со претседателот е „одвратен“.

Тврдења дека Трамп е со нарушено ментално здравје дојдоа и од Северна Кореја. Во ноември, минатата година, властите на Северна Кореја го обвинија американскиот претседател Доналд Трамп дека е „личност со неизлечиво ментално нарушување“

„Апсолутно му се потребни лекови за да го лечи психичкото нарушување“, наведе севернокорејската новинска агенција КЦНА. Агенцијата истакнува дека говорите на Трамп покажуваат симптоми на „хистерија и грч“.

„Трамп ја покажа својата вистинка природа – воен нуклеарен манијак со дијагноза на неизлечиво ментално нарушување“, стои во текстот на владината новинска агенција.

Иницијатива за проверка и на менталното здравје на шефот на државата

Претседателот на САД нема обврска да се подложи на лекарски преглед, ниту да објави резултати од истиот. Тоа сепак, станува традиција. Негови соработници уверуваат дека Трамп, како најстар човек кој станал американски претседател  во историјата на државата, ќе ги следи своите претходници во тој поглед.

За време на вториот мандат на Роналд Реган во 80-те години се водеше слична расправа, кога беше критикуван за неговите се послаби интелектуални способности. Неколку години откако си замина од функцијата објави дека боледува од Алцхајмерова болест.

Во 1994 година, поранешниот американски претседател Џими Картер изрази загриженост поради потенцијалната „опасност“ за САД од можноста Претседателот да заболи од невролошка болест и способностите поради тоа да му бидат намалени. Тоа го објави во списание на американското медицинско здружение, но оттогаш ништо не е сменето.

 

Во април, демократскиот конгресмен Џејми Раскин предложи нацрт-закон што предвидува формирање 11-член конзилиум, главно од психијатри и невролози кои би биле свикани за да дадат мислење за менталното здравје на претседателот. Предлогот се базира на 25 амандман од Уставот, што предвидува потпретседателот на државата да ја преземе власта во случај претседателот да не е способен за извршување на функцијата. Не е предвидено никакво тело кое може да го утврди менталното здравје на претседателот.

–  Потребно ни е такво тело, не само за овој претседател туку и за сите оние кои допрва ќе стапат на функција, изјави Раскин.

– Авторите на 25 Амандман ја сфатиле опасноста од претседател кој не е при себе во нуклеарното време во кое живееме. Кога и да вклучам телевизор или радио, слушнам жива расправа за тоа дали претседателот ни е ментално здрав. Навистина ни е потребен процес во кој тоа прашање би можело да биде разгледано во кризни ситуации, вели тој.

Тој предлог-закон засега нема шанси да биде усвоен. Таму доминираат републиканците, но може да придонесе за поширока расправа за тоа прашање.