Алијанса останува во владата, само влегувањето на ДПА може да ги истера

Денеска или утре треба да се одржи средба помеѓу лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и премиерот Зоран Заев во врска со судбината на колацијата предводена од СДСМ.Владината коалиција е на стаклени нозе откако најтесното раководство најави дека не се исклучува можноста да излезат од владата по разочарувањето што го доживеаја од нескриената соработка помеѓу СДСМ и ДУИ на локалните избори.

Сепак по одржувањето на централното Собрание на Алијансата за Албанците одлуката е дека тие остануваат во владата бидејќи, како што велат, се водат од државните интереси и евроатланските интеграции кои во моментов се приоритет.

Оваа порака ќе му биде пренесена и на премиерот од страна на лидерот Села.Партиски извори за Тв Нова откриваат дека за нив е неразбирливо настојувањето пред се на ДУИ,но и на СДСМ и ДПА да стане дел од владата. Алијансата за Албанците не прифаќа ДПА да биде дел од владата. Оттаму велат дека само влегувањето на партијата на Мендух Тачи може да ги натера да излезат од владата Во ДУИ тоа добро го знаат па затоа и го наговаат СДСМ да ја земе ДПА во владата .

Од Алијансата додаваат дека со евентуалното влегувањето на ДПА која има само двајца пратеници нема значајно да се зголеми парламентарното мнозинство. Една од варијантите на која се размислува и која ќе му биде понудена на премиерот Заев е ветувањето дека владата ќе ја има поддшката и од петте претеници од БЕСА за закони и проекти кои ќе се однесуваат на евроинтеграцијата на земјата.

Доколку преговорите помеѓу Заев и Села поминат во најдобар ред партијата ќе предложи нивен кадар за нов министер за здравство на местото на Абен Таравари кои стана градоначалник на Гостивар. Од партијата велат дека неколкумина нивни истакнати членови се лекари и ќе имаат слатки маки кого да номинираат за прв човек на здравството.

Алијансата исто така размислува и за продолжување на соработката со БЕСА на локално ниво и сосема е веројатно дека движењето на Билал Касами ќе довие поддршка за неделното прегласување во Чаир.

Игор Чавески