Бектеши – Хоџа: Поддршка од Владата за домашните компании

Наоѓање начини за подобра бизнис клима за домашните компании и конкретни мерки за посилна соработка меѓу Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и Министерството за економија, биле темите на денешната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со делегација на СКСЗМ, предводена од претседателот Неби Хоџа.

– За време на разговорите се нагласи потребата за изнаоѓање начини за полесен пристап на компаниите до државни средства, како форма на поттик за поголеми инвестиции. Министерот Бектеши изрази целосна подготвеност и посветеност за поддршка на бизнис заедницата, ветувајќи и институционална поддршка за нивните иницијативи за подобар економски развој, соопшти Министерството за економија.

Министерот Бектеши ги истакнал мерките и проектите преземени од Министерството за економија и Владата за подобрување на бизнис климата во државава, и навел дека домашните компании ќе имаат владина поддршка. Бил информиран и за активностите на Комората, која дејствува веќе 11 години и за предизвиците и проектите на компаниите членки.