Бензините поевтинуваат за 3, а дизелите за 2 денара

Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за три денари, а цената на дизел горивата се намалува за два денара по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати за 6,71, односно 4,38 отсто.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 63, а на ЕУРОСУПЕР БС-98, 65 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (ДЕ-V) ќе се продава за 49, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 37,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 1,145 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 25,252 денари за килограм.

Како причина за намалувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 5,45 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 2,2 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.