Бошков: Без платформа за економски раст не можеме да прифатиме зголемување на минималната плата

Она што го предлага СДСМ и ни паѓа во очи е тоа што без реална скица или платформа за економски раст, не можеме да предвидуваме, нудиме или да прифатиме зголемување на минималните плати или на плати со дополнително финансирање на компаниите, изјави Миле Бошков од бизнис конфедерацијата на Македонија, во коментар за ветувањата на опозицијата којашто нуди повисока минимална и просечна плата, како и финансиска помош за домашните компании.

Во фокусот пак на програмата на ВМРО ДПМНЕ е отворање на 70.000 нови работни места и намалување на невработеноста од сегашните 24 проценти на 17. Бошков смета дека мора да се да пронајде систем што во статистиката ќе ги вклучи и оние кои се нерегистрирани во неформалната економија.

„Се надевам дека ВМРО доколку ја добие власта ќе пронајде систем да ги вклучи и тие што се нерегистрирани во неформалната економија, за да ја достигне таа бројка. Тоа ќе биде ветувачки чекор, бидејќи невработените се уште се бројка за која треба детално да се разговора. Преку агенцијата за вработување видливо е колку граѓани активно и неактивно бараат работа“, рече Бошков.

Тој изрази оптимизам дека постојат можности бројката од 17 проценти  да се достигне со помош на вложување и мерки.

Оваа недела во ОКО со Горан Петревски на ТВ НОВА фоскусот беше ставен на економските ветувања на политичките партии.

Гости во програмата беа Данела Арсовска од Сојузот на стопански комори на Македонија, Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија, Димитар Ристовски од Европската бизнис асоцијација и Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.