Бошњаковски: Парите за надзор на автопатот Демир Капија – Смоквица не се дополнителни, туку однапред обезбедени

850 илјади евра, пари кои треба да се потрошат за Надзор на автопатот Демир Капија – Смоквица не се дополнителни средства, туку во рамки на постоечкиот Заем, изјави денеска портпаролот на Влада Миле Бошњаковски, на новинарско прашање. Средствата ќе се искористат за договорот за надзор и до 28 февруари до кога е пролонгиран рокот за пуштање на автопатот во употреба треба да бидат завршени сите критични точки.

“Овие пари не се нови, не се дополнителни, туку во рамки на постоечкиот заем толку колку што чини првично автопатот, истата сума е, значи овие пари се обезбедени од постоечкиот тековен заем за изградба на автопатот и ке се искористат за договорот за надзор и до 28 февруари сите критички точки ќе бидат завршени..Значи нема , нема нови пари, парите се од истиот заем и дополнително нема да има ниошто тие се последните критични точки, кои треба да се завршат..Продолжен е рокот за изградба, и тие пари се обезбедени во рамките на тековниот заем“ изјави Миле Бошњаковски , портпарол на Влада на Р. М

Владата пред два дена испрати соопштение дека на предлог Министерство за транспорт и врски, на седницата ја разгледала и ја усвоила Информацијата за потребата од потпишување на анекс на Договорот за изградба на автопатска делница Демир Капија – Смоквица.

Со Анексот се продолжува времетраењето на Договорот за изградба до 28 февруари 2018 година. Освен продолжувањето на рокот, анексот не предвидува дополнителни средства за градежните работи што треба да бидат изведени за завршување на автопатот. Градежните зафати се однесуваат на дислокацијата на далноводот на МЕПСО и на изградбата на контролниот центар. Со продолжувањето на времетраењето на договорот за градежни работи до 28.02.2018 година, ќе се продолжи и времетраењето на договорот за надзор. Согласно првичните пресметки направени од Надзорниот орган, за надзор на градежните работи се потребни околу 850.000 евра, средства кои се обезбедени во рамки на тековниот заем наменет за реализација на проектот.

Со потпишување на Анексот ќе се овозможи завршување и пуштање во сообраќај на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Пан-Европскиот Коридор 10 најдоцна на почетокот на март 2018 година.

Љупка К. Камчева