Делев: Со ребалансот на буџетот се кратат суштински проекти во интерес на граѓаните

Со ребалансот на буџетот се кратат суштински проекти во интерес на граѓаните, а се зголемуваат ставките кои треба да ги поддржуваат ситно партиските интереси на СДС, обвини денеска на прес конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој спомена неколку од десетиците нерационални потези кои Владата планира да ги полвече со ребалансот на буџетот.

„Дополнителни 2 милиони денари за Службата за општи и заеднички работи, преку која пред извесно време отпочна постапка за набавка на октоподи, морски плодови и егзотична храна. Дополнителни 42 милиони денари за набавка на нова опрема во владата. Дополнителни  20 милиони  денари за времени вработувања за 5 месеци во сите министерства, со што веројатно ќе го покриваат партизирањето на институциите од чистачка до министер, како и што и најавија“, истакна Делев.

Делев меѓу непродуктивните трошења на новата влада ги спомена и дополнителни 66 милиони денари за договорни услуги во  министерството за надворешни работи. Како и дополнителни 31 милион денари за финансирање на невладини организации од областа на земјоделието. Потенцираше дека за да се набавуваат морски плодови, договорни услуги, нова опрема, привремени вработувања и да се финансираат невладини организации  ќе се кратат средства таму каде што се неопходни.

„Агенција за млади и спорт, кратење на 13 милиони денари од проектите за млади и тоа на 80 милиони денари и поништување на проектот за ревитализација на амфитеатарот во  Скупи. Укинување на пари за изградба на индустриската зона Визбегово. Укинување на проектот целосна жичара до ВОДНО. Кратење на 30 милиони денари  за градба на спортски објекти. Кратење на 155 милиони денари за градба на студентски домови. Намалувања за 15 милиони денари за изградба на училишта, кратење на 8 милиони денари за реконструкции на училишта, и кратење на 85 милиони денари за изградба на спортски сали. Кратење на 28 милиони денари за изградба и реконструкција на домови за стари лица“, додаде Делев.

Ребалансот на буџетот следниот понеделник влегува во собраниска процедура. Со ребалансот на буџетот според премиерот Зоран Заев се крати од сите непродуктивни трошоци. Вкупно, и расходната и приходната страна на буџетот се кратат за по 3 милијари денари или по околу 49 милиони евра. А за три милјарди денари се крати и од капиталните инвестиции.

Ребалансот предвидува пари за субвенционирање на фирмите за зголемување на минималната плата, пари за надомест за стечајците, пари за годишен одмор на најсиромашните работници во некој од домашните туристички центри.

Ребалансот предвидува 9 милиони евра повеќе за активни мерки за вработување млади, за субвенции за земјоделците, потоа за малите и средни претпријатија како и за поддршка на домашните компании за да бидат еднакви со странските.

Со ребалансот дефицитот во буџетот останува ист 2,9%. Растот на економијата се намалува од претходнта прокеција на 3% на 2,2%.
Очекувањата на владата се дека до Илиндиен овој ребаланс ќе биде усвоен од Собранието.

Александра Спасевска