Директна авионска линија Доха – Скопје

Со традиционална македонска погача и сол денеска на скопскиот аеродром Александар Велики беа пречекани патниците кои пристигнаа со првиот директен лет од Доха до Скопје со авиокомпанијата Катар Ервејс.

Новата рута до главниот град на Македонија ќе биде опслужувана четири дена во неделата и тоа понеделник, среда, петок и недела со воздухоплов „Ербас А320“.

Заедно со првите патници во Скопје пристигна комерцијалниот директор на Катар Ервејс, Ехаб Амин и македонската амбасадорка во катар Вукица Кртолица Поповска, а беа пречекани од генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, Министерот за траспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на Катар во Македонија, Хасан Бин Абдула Заид Ал Махмуд.

Оваа нова дестинација која беше најавена уште минатата година како што информираат од ТАВ ќе ги поврзе македонските бизнисмени како и граѓани со дополнителни 150 дестинации во светот, како за туристички така и за бизнис патувања.

Првиот директен лет од Скопје до Доха ќе им овозможи исто така на македонските патници полесен пристап до Австралија, каде што живеат повеќе од 200.000 граѓани со македонско потекло.

Во петокот на скопскиот аеродром, ТАВ Македонија промовираше уште три нови авио линии и тоа до Малта, Рим и Ваксјо.

Од ТАВ Македонија велат дека со воведувањето на новите авио линии и зголемувањето на фреквенциите на постојаните рути на двата аеродрома во Македонија се очекува зголемување на бројот на патници и пораст на авиосообраќајот во втората половина од годинава.

Александра Спасевска