ЕЛЕМ: Редовно снабдувањето со струја на регулираниот пазар

elem

Има доволно електрична енергија за домаќинствата и помалите компании на регулираниот пазар на струја. Во текот на вчерашниот ден целосно е одговорено на потребите на конзумот со оптимизација на домашните производни капацитети и преку набавка на електрична енергија, информираат од АД ЕЛЕМ. Сепак вчера е регистрирана е 30 проценти поголема потрошувачка во однос на истиот период за последните пет години за што освен што се ставени во погон сите расположливи капацитети на АД ЕЛЕМ, дел од количините се обезбедени преку увоз на струја.

– За надополнување на потребите во периоди од денот со најголема потрошувачка, во текот на вчерашниот ден е извршена набавка на 3.600 мегават часа електрична енергија преку лиценцираните компании за трговија со електрична енергија, согласно постојните правила. Набавката што ја изврши АД ЕЛЕМ за период од 18 часот вчера заклучно со 18 часот попладнево е по просечна цена од 101,43 евра за мегават час и е поевтина во однос енергијата што се продаваше на берзите во регионот. Временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и Централна Европа, директно влијаат и на цените на тој енергент. Во текот на вчерашниот ден на берзата во Унгарија мегават час електрична енергија во периоди на зголемена потрошувачка се продаваше за 126,3 евра, на берзата во Бугарија чинеше 123 евра, додека на берзата во Србија за истиот период се нудеше по цена од 140,3 евра за мегават час, појаснуваат од компанијата.

АД ЕЛЕМ нагласува дека набавката на електрична енергија што се врши во овој период нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и компаниите

Од енергетската компанија информираат дека третиот блок на РЕК Битола се уште е во дефект. Техничкиот зафат во термоелектраната „Битола 3“ на кој од саботата наутро интензивно работеа стручни екипи на АД ЕЛЕМ и на РЕК Битола, заврши во текот на вчерашниот ден, и во фазата на синхронизација на електроенергетската мрежа беше детектирано повторно напукнување на цевка во котелскиот сегмент, по што овој капацитет во моментов е надвор од функција. Се очекува повторно да биде оперативен во најкус можен рок, односно за најдоцна 72 часа, информираат од  АД ЕЛЕМ.