Годинава катастрофална за пчеларите – се очекува поскапување на медот

Тешка година за пчеларите во Македонија. Климатските промени силно влијаат врз пчеларството, па студеното време зимоска и топлотниот бран со кој се соочуваме летово покосија голем број пчелни семејства. Состојбата од година в година станува сѐ полоша, објаснува д-р Јане Марков, претседател на Пчеларската федерација на Македонија и претседател на пчеларската заедница „Матица“ во Скопје.

Марков вели дека оваа година шумски  мед во земјава скоро и да нема, а ливадскиот ќе биде во многу мали количини. Ова кризна состојба нема многу да влијае на цената на медот, ќе има блага промена, но проблемот е во тоа што на пазарот ретко ќе може да се најде квалитетен мед. Потребна е помош македонските пчелари да застанат на нозе.

Ако случајно некој увезува мед задолжително треба да се провери според Правилникот за квалитет на мед, а не дали е здравствено исправен производот. Доколку на тој начин го пуштат во продажба во најголем број случаи се работи за облагороден мед. Според правилникот се гледа и потеклото и многу други важни работи со што се потврдува квалитетот.

Пчеларите побараа да се исплаќаат редовно субвенции односно да се помагаат со 600 денари за презимено пчелно семејство. Статистиката говори дека сѐ помалку луѓе се одлучуваат за пчеларство во нашата земја.

Александра Овчарска