Груевски: Пари за општините од Светска банка, пензионерите задоволни

gruevski

До 7 ноември трае повикот до кога општините можат да аплицираат со свои проекти за реализација на инфраструктурни проекти. На општините им се достапни 25 милиони евра преку кредитната линија на Светската банка, со симболична камата, грејс период од три години и 10 години рок на отплата. Сите општини кои се заинтересирани со готови проекти можат да се пријават и да ја искористат можноста која им се нуди, изјави денеска лидерот на ВМРО ДПМНЕ НИкола Груевски.

“Со средствата што им се нудат секоја општина може да финансира инфраструктурни проекти главно патишта, водоводи, канализациски мрежи, училишта, градинки и слично во делот на инфраструктурата. Оние кои ќе аплицираат на повикот и ќе понудат добри проекти ќе можат да обезбедат дел од новите 25 милиони евра за инфраструктурни потреби“ изјави Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Во неколку наврати на општините им беа понудени вакви можности, а досега искористени се 56 милиони евра и финансирани 70 проекти во поголем број општини, истакна Груевски. Првата кредитна линија беше во износ од 18, 9 милиони евра и дополнително финансирање од 37, 2 милиони евра. За општините овој вид на финансирање едно од најдобрите, затоа што со евтини пари ги финансираат потребните инфраструктурни објекти, а на тој начин ги подобруваат условите за живот. Освен средствата за инфраструктурните објекти Груевски изјави дека годинава мерката за бесплатно банско лекување ја искористиле 5.200 пензионери, а за следната година се предвидени пари за дополнителни 5.500.

“Со последната група за оваа година се заокружува бројка од 5.200 пензионери кои преку овој проект заминале на бања. Вкупно од 2010 година кога започна овој проект бројката е 38.000. за наредната година како што сум информиран резервирани се средства во буџетот за нови 5.500 пензионери, истакна Груевски.

Од 2010 година па се до денес, има огромен интерес кај пензионерите за оваа мерка и наидува на големо задоволство. Анкетите кои ги прави Министерството за труд укажуваат дека е многу висок процентот на пензионери кои се задоволни од мерката и би сакале повторно да ја искористат.

Љупка Камчева