Исплатено обесштетување на земјоделците за ланските поплави

Во текот на вчерашниот ден се исплатија околу 46 милиони денари за надомест на штетите од поплавите што се случија во 2016 година во Општина Гази Баба, поточно за оштета на пластеници и за повеќегодишни насади, информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски пред жителите на селото Сингелиќ.

– Со оваа исплата опфатени се поголемиот дел од уништени земјоделски обработливи површини, врз основа на извештајот за процена и пресметка на загуба на приход, пресметката на земјоделски растенија и штетата на стакленици и пластеници како и повеќегодишни насади од поплавите, рече Николовски.

Информираше дека во завршна фаза се и уште мал број предмети на кои им недостасувале одредени документи и нецелосни записници за проценката да може да се комплетира и целосно да се исплатат. Неправилностите, додаде, се поправени и веднаш штом се заврши со проценките во најскоро време во текот на овој месец и останатите земјоделци кои претрпеа штети ќе добијат пари за обештетување.

– Со ова ја заокружуваме исплатата за сите земјоделски површини кои претрпеа огромни материјални штети во овој регион и ветеното дека во првите 100 дена од реформската влада навремено ги исплаќаме обврските на државата, рече министерот Николовски.