Јандреовски: Авиокомпании се заинтересирани за влез на македонскиот пазар

Генерално постои интерес од авиокомпании за влез на македонскиот пазар, а Министерството за транспорт и врски преговора за воведување нови линии за поврзување на Македонија со две атрактивни дестинации, чии имиња во интерес на преговорите не може да ги откријам, наведува во интервју за МИА директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) Горан Јандреовски.

Од неодамна регистрираното ново друштво за превоз на патници и стока во воздухопловството, според Јандреовски, се уште официјално не се поднесени документи.

Како што посочува, до септември годинава на двата аеродрома во Македонија се опслужени 1.546 705 патници, а во август е регистриран рекорден број од над 930 прелети на ден. По бројката од 1,5 милион патници минатата година, Јандреовски очекува годинава на Скопскиот и на Охридскиот аеродром да се приближиме до два милиона.

Со зимскиот ред на летање што стапува во сила следната недела нема драстични промени освен зголемен број од 10-тина летови кон Лондон, Базел и Малме на нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер, која и натаму останува авиокомпанија која опслужува најголем број дестинации од македонските аеродроми.

– По минатогодишниот пад на приходите, оваа година се соочуваме со дополнителни летови од планираните поради т.н. отворени можности за прелетување, каде што авиокомпаниите и пилотите имаат можност за слободно користење на небото при прелетите особено во ноќните часови. Тоа овозможува поголеми приходи како на Агенцијата за цивилно воздухопловство, така и на Контролата на летање, вели Јандреовски.

Директорот на АЦВ во интервјуто информира и за потребата од регулатива за користење беспилотни летала, за што е подготвена уредба која е во собраниска процедура, а се осврнува и на заштитата на правата на патниците и спроведувањето на инспекциските надзори.