„Југохром“ ќе почне со работа идната година

Еден од најголемите загадувачи во Тетовско, фабриката „Југохром“ од Јегуновце повторно ќе почне со работа кон крајот на мај или почетокот на јуни наредната година. Претходно, ќе бидат поставени филтри за отпрашување на печките 7 и 8 информираат од владата. Токму претставници на владата и вработените во комбинатот го потпишаа Меморандумот за разбирање со кој се гарантира дека фабриката ќе опстои и дека таа нема повеќе да ја загадува околината.

Од комбинатот уверуваат дека повеќе нема да се работи без филтри и тие етапно ќе се поставуваат и покрај тоа што веќе неколку години се најавува нивното поставување.

Од синдикатот на вработените во Југохром очекуваат дека сопственикот на „Југохром“ ќе ја реализира инвестицијата за поставување таканречен системот за отпрашување во вредност од 12 милиони евра.

Инкау, околу 800 вработени на комбинатот останаа на улица откако „Југохром“ целосно го запре производството на 2 ноември минатата година. Раководството на комбинатот одлучи да ја спроведе одлуката на Испекторатот за животна средина за затворање на фабриката поради непочитување на крајниот рок за изградба на филтер станица кој истече на 30 октомври 2016 година. Вработените во „Југохром“ неколкупати протестираа барајќи решавање на нивниот проблем. Сепак неговото затворање не придонесе за намалување на аерозагадувањето, иако комбинатот на протестите против загадениот воздух, беше често посочуван како еден од најголемите загадувачи на воздухот во Полошкиот регион.

Данче Азманова