Ќе се гради експресниот пат Ранковце-Крива Паланка

Пратеничката во Собранието на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ од Крива Паланка Слаѓана Митовска најави неколку инфраструктурни проекти кои, како што рече, се од круцијална важност за жителите на овој град. Најзначаен меѓу нив е новиот експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, во должина од 26 километри.

– Граѓаните на Крива Паланка ни ја додоа довербата и гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и програмата „Реално“ зашто во неа препознаа реални капитални проекти кои се од исклучително значење за сите нив. Еден од тие проекти е експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, во должина од 26 километри и широчина од 12,5 метри, со проценета вредност до 78 милиони евра. Станува збор за модерен пат со четири ленти, по две во двете насоки, со 22 мостови, 2 клучки, 9 натпатници и 13 пропусти. Изградбата на овој пат е значајна за жителите на Крива Паланка и Ранковце, како и за целиот североисточен регион и за сите кои транзитираат кон Република Бугарија зашто ќе обезбеди побрз и побезбеден сообраќаен проток, изјави Митовска.

Таа најави дека е планирана реконструкција на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, во должина од 12 километри.

– Проценетата вредност на овој проект е околу 30 милиони евра. Опфаќа целосна рехабилитација на патниот правец, реконструкција на најкритичните делови од патот, проширување на делови од коловозот, ублажување на свиоците како и решавање на т.н. црни точки на овој патен правец, додаде Митовска. Потенцираше дека реализацијата на овие два проекти во вредност од над 100 милиони евра ќе значи и модернизација на коридорот 8.

Митовска најави и изградба и санација на локални патни правци во општината, меѓу кои патните правци до село Трново, од село Стамболици до месноста викана Крстата падина, пристапен пат од Мезовски ливади до село Градец.