Компанијата Балкан Флорс уште еден успешен пример на мерките за вработување

Македонската компанија Балкан Флорс е успешен пример кој кажува дека мерките за вработување даваат резултати.

Преку мерката кредитирање со самовработување сопственикот, освен што отворил сопствена компанија за изведување и продажба на подови, успеал да го прошири бизнисот и да вработи нов кадар благодарение на владината поддршка.

Оваа компанија денеска ја посетија министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, и директорката на Центарот за вработување на град Скопје, Слободанка Алексовска.

Според Ибрахими, анализите на терен покажуваат дека се големи ефектите од програмите на Владата за вработување

„Мерките за вработување преку програмите Македонија 1 и 2 и оперативните програми вродија со добар резултат, но тоа не значи дека тука ќе застанеме. Конкурсите кои излегоа пред некој ден во делот на субвенционирано вработување и кредитирање покажуваат дека сме на добар пат да постигнеме одлични резултати, но сепак тоа во многу ќе зависи  од политичката ситуација“, изјави Ибрахими.

Директорот на Агенцијата за вработување Поповски истакна дека оваа компанија е пример каде што неколку владини мерки довеле со зголемување на вработувањата.

„Пред нас е успешен пример кој во 2015 година го започнал бизнисот како едно лице со кредитирање, а сега веќе има дополнителни три врабтувања од кои две со мерката за кредитирање и за дополнително вработување во отворена фирма. Воедно, ја користи и можноста за ослободување од придонеси според Македонија 2 и на тој начин постигнува зголемување на бројот на вработени во неговата фирма, но го зголемува и бројот на вработени во земјава“, изјави Поповски.

Тој нагласи дека на отворените огласи што почнаа во јануари и февруари годинава досега има солиден број апликации и појасни дека само за мерката самовработување со грант до вчера се поднесени 902 пријави.

Сопственикот на Балкан флорс, Јован Нелоски нагласи дека фирмата ја основал пред речиси две години со самовработување во Охрид по што се решил бизнисот да го прошири во Скопје со дополнителните мерки  за вработување на лица до 29 години и за вработување на лице над 50 години.

„Мерките што се нудат се добри, бидејќи на почетокот за старт-ап бизнис делуваат многу охрабрувачки, најмногу заради трошоците, рече Нелоски и додаде дека се решил да го прошири бизнисот во Скопје заради поголемиот пазар и подобрата комуникација, а, како што рече, условите што се нудат преку мерките на Владата за вработување генерално се секаде исти“, изјави Нелоски.

Раководителката на Центарот за вработување на град Скопје, Слободанка Аелксовска ги повика сите невработени,  особено младите до 29 години да аплицираат за мерката самовработување со кредитирање.

Александра Спасевска