Македонија ќе го достигне европскиот стандард за 30 години ако има раст на економијата од 4%

Македонските граѓани ќе го достигнат европскиот стандард на живот за 30 години доколку во наредните години има раст на БДП во земјава 4 проценти, а растот во ЕУ да биде 2 проценти. За да се постигне тоа неопходно е да продолжат инвестициите во инфраструктурата и да се зголеми конкурентноста на домашните компании

Ова го покажува најновата студија на Владимир Глигоров од Виенскиот институт.

Тој смета дека за раст економијата треба да се вложува во иновативни проекти, во научно-технолошки процеси и да се спроведат активни мерки за вработување. Според него макроекономската рамка е добро поставена и дека политиката на фиксниот курс на денарот е добра и на неа стопанството добро се приспособува, но има простор за реформи во даночниот систем.
Според истражувањето, главните проблеми на македонската економија во изминатите три декади се невработеноста, затвореноста на стопанството односно нискиот извоз.

– Развојот на домашните претпријатија е апсолутно клучно. Странските инвестиции и технологијата се добредојдени, но земјата мора да има сопствен претприемнички потенцијал, рече Глигоров, и додаде дека домашните компании се многу ориентирани на домашниот пазар.

Владата како што посочи премиерот Зоран Заев силно ќе ди поддржува домашните компании, кои според него се столбот на стабилна и растечка економија. Премиерот е убеден дека нема да треба да се чека 30 години за да се достигне европскиот просек со раст од четири проценти, туку македонската економија може многу повеќе.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека ако сакаме да имаме раст на економијата, тогаш компаниите мора да бидат извиозно ориентирани. Македонија е мала земја и има мала економија и затоа треба да биде извозно ориентирана.

– Сите индустрии во Македонија мора да бидат извозно ориентирани. Извозот учествува со 50 проценти во БДП. Доколку не стигнеме до 70 проценти не можеме да сметаме на сериозен раст на економијата, рече Анѓушев.
Најави дека утре ќе бидат претставени мерките за поддршка на економијата кои имаат три столба.

Александра Спасевска