Општина Делчево ја усвои програмата за изградба на улици и патишта за 2017 година

Делчево

Советот на oпштина Делчево ја усвои програмата за изградба, реконструкција, рехабилитација и одржување и заштита на општинските патишта и улици во Делчево за 2017 година.

Советникот за уредување на градежно земјиште при општина Делчево Ѕвонко Атанасовски, истакна дека програмата предвидува изградба на неколку патни правци, кои треба да ја подобрат локалната инфарструктура и сообраќајна комуникација.

– Во програмата е предвидена реконструкција на дел од општинскиот пат  Делчево до селата Очипала, Драмче и Вратиславци. Потоа се планира изградба на отклонот од патот М5 за селата Илиово и Турија, довршување на општинскиот пат Габрово-Ѕвегор-Стамер-Град-Вирче-Стар Истевник, изградба на дел од општинскиот пат Делчево-Тработивиште, Делчево-Косово Дабје-Бигла-Турија, рече Ататанасовски.

Во делот за реконструкција на улици и патишта предвидена е изградба на улици во населбата Ѕвегорска Река и повеќе улици и тротоари во градот Делчево.

– Планирана е изградба на улиците „Светозар Марковиќ“, „Питу Гули“, „Маршал Тито“, „Вера Јоциќ“, „Скопска“ „Орце Николов“, „Маршал Тито“ и уште десетина пристапни улици, тротоари низ градот, како и изградба на улици во селата Ѕвегор, Габрово, Разловци, Град, Стамер, Вирче, рече Атанасовски.

Вкупниот буџет за изградба на улици и патишта  за 2017 година изнесува околу 40 милиони денари од кои 4,1 милион денари од основниот буџет се планира за изградба на улици, 7,6 милиони денари од донации и 26 милиони денари за реконструкција на улици.