Османи: Не смееме да испуштиме ниту едно евро од ИПА

Не смееме да испуштиме ниту едно евро од ИПА средствата, парите треба да ги искористиме за европеизација на државата, а процесот мора да биде транспарентен во целост, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Според него, настојувањата на Владата се од актуелната ИПА2 Програма да се повлечат најмалку 90 отсто.

Пред почетокот на трибината за поголемо искористување на ИПА средства, Османи најави изготвување мастер план кој ќе ги дефинира слабостите, но и ќе предвиди мерки за максимално повлекување на европските пари.

– Јавноста досега не беше целосно информирана за ИПА поради што наш приоритет е овој комплексен систем комплетно да го извадиме од сенка. Граѓаните мора да знаат дека Македонија има ретка можност да ги користи парите на граѓаните на ЕУ. Дадена ни е шанса да покажеме дека сме способни за тоа и досегашниот период беше еден вид тест за нас, истакна вицепремиерот.

Информира и дека од вкупно предвидените 644 милиони евра за период од 2014-2020, засега се програмирани 445 милиони или околу 67 отсто, а се одобрени 395 милиони евра.

Одговорајќи на новинарско прашање, Османи рече дека е можно да имало некакви злоупотреби или малверзации со ИПА средствата досега, но тоа ќе мора и официјално да се утврди.