Поднесена интерпелација за Тевдовски: Македонија не може да си дозволи неспособен човек на оваа клучна позиција

Драган Тевдовски да замине од функцијата министер за финансии и на негово место да дојде способен кадар кој нема да прави катастрофални грешки во работењето. Тој не ја оправдува довербата, покажува конфузност и неспособност во работењето на една од најбитните функции во државата, обвини денеска опозицијата. Токму затоа пратениците на ВМРО ДПМНЕ поднесоа интерпелација за работата на министерот Тевдовски во Собранието.

Како клучни причини за поднесување на Интерпелацијата за работата на Тевдовски од ВМРО ДПМНЕ го потенцираат целосно неразвојниот ребаланс на Буџетот за 2017 –та ,намалувањето на капиталните расходи, засилено и неосновано задолжување на граѓаните на домашниот пазар, зголемување на износот предвиден за задолжување на меѓународните финансиски пазари, непочитување на народните претставници во Собранието, манипулирање со економски податоци, параметри и индикатори.

Иако пратениците од опозицијата побараа да се корегира и да се промени овој неразвоен и непродуктивен Буџет, тој се донесе, изјави Кузмановска. Наместо раст, според опозицијата, ребалансот ќе доведе до забавување на развојот на економијата,тој е лош за граѓаните, фирмите, странските инвеститори, домашното стопанство, пензионерите, градежништвото, студентите и младите лица.

“Се кратат многу средства опремување и модернизација во АРМ, за реформи во полиција, помалку за технолошки индустриски развојни зони, оние зони каде што се отворија над 22 илјади работни места во минатите 4-5 години, помалку за инвестиции во животната средина, помалку за финансиска поддршка на рурален развој, помалку за градежни објекти од ставката изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита, односно помалку за изградба и одржување на детски градинки, помалку за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица, помалку за изградба на новите згради на ФИНКИ и ФФК, помалку за проект за превод на книги од реномирани автори, помалку за изградба и реконструкција на основни училишта, помалку за изградба и реконструкција на средни училишта, помалку за изградба и реконструкција на студентски домови, помалку за заштита на културното наследство на Република Македонија, како и кратење на средства од многу други проекти од значење на граѓаните“ изјави Лилјана Кузмановска, ВМРО ДПМНЕ.

Освен значителното кратење од битни проекти за граѓаните, според опозицијата, министерот за кратење и задолжување, спроведува неконтролирано, засилено и неосновано задолжување на домашниот пазар.

“За само 70 дена министерот за кратење и задолжување Тевдовски, успеа да го задолжи секој македонски граѓанин за нешто над 3100 денари, односно 50 евра. На дневна основа министерот за ја задолжува Македонија за 1.471.104 евра. Исто така со ребалансот на Буџетот за 2017 година се предвидени дополнителни 48 милиони евра повеќе за задолжување на домашниот пазар отколку што проектирала претходната Влада, со што ќе се испумпаат 48 милиони евра од стопанството, од банките, од приватните инвеститори, средства коишто може да им помогнат на голем број на мали и средни претпријатија, иноватори и големи претпријатија за проширување на своите капацитет доколку би ги имале на располагање“ изјави Кузмановска.

Од опозицијата обвинија дека, потврда за лицемерието на СДСМ и Тевдовски оди дотаму што пред само една година го оспорија издавањето на еврообрзницата, за денес да го зголемат износот предвиден за издавање на обврзница на меѓународниот финансиски пазар. Министерот за финансии односно министерот за кратење и задолжување Драган Тевдовски е поставен да ги спроведува погубните политики на СДСМ и да обезбеди средства со кои се спроведуваат партиските вработувања во државните и јавни институции.

Љупка К. Камчева