Потпишан договор за четири нови електрични локомотиви

Доближување на европските и светските стандарди, поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, енергетска заштеда, заштита на животната средина.

Ова ќе бидат само дел од придобивките  од набавката на четири нови електрични локомотиви. Договорот денеска го потпишаа МЖ Транспорт и претставници на кинеската компанија ЦРРЦ  Џуџоу. Инвестицијата е  вредна над 8 милиони евра. Парите се обезбедени од Европската Банка за обнова  и развој, а се реализира во рамки на проектот за обнова на возниот парк.

„Набавката на четирите нови електрични локомотиви практично значи обнова на возниот парк по 40 години, доближување до европските и светските стандарди, обезбедување поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, поголем број патници, поголема брзина, енергетска заштеда, заштита на животната средина, ефикасно работење и поквалитетни услуги“, истакна генералниот директор на МЖ „Транспорт“ Никола Костов по потпишувањето на Договорот.

Набавката на новите локомотиви ќе значи и  подобрување на квалитетот на услугите во товарниот превоз за стопанството во Република Македонија, но и меѓународната трговија. Од кинеската компанија се заблагодарија на соработката со Македонски Железници и истакнаа дека Македонија е важна југоисточна железничка транспортна зона.

„Нашата компанија ќе обезбеди ресурси и експертиза. Ќе добиете сигурни, безбедни производи со врвни перформанси и прекрасен изглед, веќе набавените шест електрични возови се само предвесник на пријателството кое се продлабочува“ изјаџи Жо Квинк Хе“, претседател на ЦРРЦ Џуџоу.

Од МЖ информираат дека, во планот за набавки биле предвидени 3 електрични локомотиви, но заради ефикасно  спроведување на Проектот за обнова на возниот парк,успеале  да направат  заштеди на претходно спроведените проекти со што оваа набавка има можност да ја зголеми за плус една локомотива . ЦРРЦ е основана во 1936 година и има осум децении искуство во производство и сервисирање на локомотиви. Произведува супер модерни урбани возови за железнички превоз и соработува со преку 10 земји.  Ова е втор проект што го реализираат македонската Влада и Џуџоу по првиот за набавка на шест нови патнички возови. На потпишувањето на Договорот присуствуваа и државните секретари во министерствата за транспорт и врски и за финансии, Божидар Петровски и Игор Димитров, како и амбасадорот и конзулот на НР Кина во Македонија.

Љупка Камчева